Воздухот што го дишеме веќе не е чист како порано, а во многу случаи состојбата се влошува.
Според едно неодамнешно истраување од Универзитетот Беркли, смогот во Кина убива околу 4.000 лица секој ден (енаука.мк), додека според Американското здружение за белодробни болести, околу 4 од секои 10 лица во САД живеат во држави каде има нездраво ниво на озон или загадување со честички.
Со цел да помогне да се прочисти воздухот што го дишеме, холандскиот дизајнер Дан Розегард, креирал 7-метри висок прочистувач на воздухот што го нарекол „Smog Free Tower“.
Уредот е во облик на кула и со горниот дел го вшмукува смогот како вакуум, а потоа филтрираниот воздух го испушта преку неговите шестострани отвори. Може да прочисти повеќе од 30.000 кубни метри воздух на час, а работи на 1.400 вати зелена енергија.
За реализација на овој проект, кој е финансиран од „Kickstarter“, на Розегард му биле потребни три години, но конечно прототипот на овој огромен прочистувач за воздух ќе биде прикажан оваа недела во Ротердам. Според веб страната на Розегард, прочистувачот за воздух е специјално креиран да се користи во јавните паркови.
На веб страната на „Kickstarter“, Розегард објаснува на кој начин работи кулата:
„Преку напојување на кулата со позитивен електричен набој, електродите испуштаат позитивни јони во воздухот. Овие јони се закачуваат за ситните честички од прашина. Негативно наелектризираната површина, односно спротивната електрода, потоа ги привлекува внатре позитивните јони заедно со честичките од прашината. Ситната прашина што е штетна за телото се собира заедно со јоните и се складира во внатрешноста на кулата. Оваа технологија успева да ги собере ултра-ситните честички од смог, коишто обичните системи за филтрирање не можат да ги соберат“.
Покрај тоа, овој добро дизајниран прочистувач, не само што го чисти смогот, туку може да го искористи и за правење на накит.
Ситните јаглеродни честички што ги собира кулата можат да се кондензираат и од нив да се создаваат „мали дијаманти“ кои можат да се стават во разни парчиња накит, како прстените или украсните копчиња. Едно од овие ситни камчиња е еквивалент на 1.000 кубни метри воздух.
Иако прототипот моментално е во Ротердам, Розегард има за цел со време да претстави и други модели во Пекинг, Мексико Сити, Париз и Лос Анџелес.
Текстот е објавен во „Tech Insider“.