Мини-машина што чита мисли?

Научниците од Универзитетот во Орегон направиле систем кој може да ги чита мислите на луѓето, преку скенирање на мозокот, и да направи реконструкција на ликот што го визуализирале во својата глава.

Еве како функционира.

Истражувачите одбрале 23 волонтери на кои им покажале 1.000 фотографии во боја од лица по случаен избор. Додека ги гледале ликовите, волонтерите биле прикачени на машини за fMRI со кои се детектираат суптилните промени во протокот на крвта во мозокот, со што се мери невролошката активност.

На оваа машина исто така била прикачена и програма на вештачка интелигенција која ги чита мозочните активности на испитаниците додека прави математичка дескрипција на секој лик што го гледале, во реално време. Истражувачите одредиле 300 броеви за определени физички карактеристики на ликовите, за да и овозможат на вештачката интелигенција (ВИ) да ги „види“ како шифри.

Во основа, првата фаза претставува тренинг за ВИ – да научи како одредени невролошки активности се поврзани со определени физички карактеристики на лицата.

Во втората фаза, ВИ се прикачува само за „fMRI“ машината и треба да открие како изгледаат ликовите, врз основа на мозочните активности на учесниците.

Сите ликови што им биле прикажани на учесниците во оваа фаза биле потполно различни од тие во претходната фаза.

Машината успеала да го реконструира секој лик, врз основа на активностите на два одделни мозочни региони и тоа: ангуларниот гирус, кој е вклучен во разни процеси поврзани со јазикот, обработката на бројки, свесноста за просторот и формирањето на живописни сеќавања, и окципитотемпоралниот кортекс, кој ги обработува визуелните знаци.

Резултатите (прилично чудни) може да ги видите подолу.

face-compile

Како што се чини, ова нема да може да се користи во криминалистиката, со тоа што од меморијата на криминалците ќе се извлече местото на злосторот во скоро време, но истражувачите докажаа нешто друго, многу важно. Како што пишува „Vox“, кога истражувачите им ги покажале овие чудни реконструкции на друга група учесници, тие можеле точно да одговорат на прашања кои ги опишувале оригиналните ликови кои ги гледале учесниците што биле поврзани на „fMRI“ машините.

„Истражувачите им ги покажале овие реконструирани ликови на одделна група испитаници преку интернет, на кои им поставиле едноставни прашања како: „Дали е ова маж или жена“?; „Дали е лицето среќно или тажно“? и „Дали неговата боја е светла или темна“?

Не случајно, одговорите биле точни. Овие основни детали можат да бидат извлечени со читањето на мислите.

Значи, една група на луѓе може до одреден степен да ги прочита мислите на друга група на луѓе – преку машина.

Истражувачите сега работат на уште потешка задача – учесниците да ги видат ликовите, да ги задржат во својата меморија, а потоа ВИ да ги реконструира тие ликови врз основа на тоа како лицето се сеќава на ликот кој го видел.

Како што може и да се претпостави, ова е ИСКЛУЧИТЕЛНО тешко да се изведе, што се гледа и од добиените резултати.

faces-ang

Тоа е многу лошо, но сепак овде има потенцијал, со оглед на тоа колку брзо напредува денешната технологија, ако има доволни средства.

Па којзнае, можеби еден ден ќе може директно едни со други да си разменуваме не само зборови, туку и слики – само со помош на нашите мисли.

Истражувањето е објавено во списанието „The Journal of Neuroscience“.

Поддржете ја нашата работа: