Моќта на електричните јагули

Електричната јагула, која има доволно силен електричен удар за да онеспособи коњ, поседува електричен систем сличен на оној на „Teaser“, односно уредот за електрошокови.

Ова е заклучокот од девет месечното истражување на начинот на кој електричната јагула користи електрични празнења со висок напон за да го лоцира и зароби пленот. Истражувањето е спроведено од страна на Кенет Катаниа, професор по биолошки науки на Универзитетот Вандербилт и е објавено во весникот „Science“.

Електричната јагула им е одамна позната на луѓето. Древните Египќани ја користеле за лекување на епилепсијата. Мајкл Фарадеј ја користел за да ја истражува природата на електричната енергија. Анатомијата на јагулата го инспирирала Волта да ја создаде првата батерија. Биолозите утврдиле дека јагула долга околу 2 метри може да генерира околу 600 волти електрична енергија. Минатото лето, научниците од Универзитетот во Висконсин, Медисон, објавија дека го одделиле целиот геном на електричната јагула.

Меѓутоа, досега, никој не знаел како всушност функционира системот за електрошокови на јагулата. За таа цел, Катаниа, во еден голем аквариум сместил неколку електрични јагули долги околу 1 метар, и го опремил аквариумот со систем којшто ги детектира електричните сигнали.

Додека ги набљудувале, биолозите откриле дека движењата на јагулите се неверојатно брзи. Тие можат да нападнат и да голтнат црв или мала риба во една десетинка од секунда. Затоа, Катаниа поставил видео систем кој снима со илјада фрејмови во секунда за да може да ја проучува јагулата во бавно движење.

Тој снимил три различни видови на електрични празнења: импулси со нисок напон кога ја истражува средината, два или три кратки импулси со висок напон (наречени двојки или тројки) кога лови и серија импулси со висок напон кога го заробува пленот или се брани од некој напад.

Електричната јагула го започнува нападот на пленот испуштајќи импулси со висок напон околу 10 до 15 милисекунди пред да го нападне. Така, по 3 или 4 милисекунди, пленот е целосно парализиран. Парализата е привремена, па ако јагулата не го зароби веднаш, по кратко време ќе си ја поврати мобилноста и ќе отплива.

Прегледувајќи ги снимките, Катаниа веднаш се сетил на сличноста со уредот за електрошокови бидејќи бил запознаен со начинот на којшто тој функционира. Уредот ослободува 19 импулси со висок напон во секунда, а електричната јагула дури 400.

Уредот за електрошокови работи на тој начин што ги преоптоварува нервите што ги контролираат мускулите и предизвикува неволево грчење на мускулите. За да утврди дали електричниот удар на јагулата го има истиот ефект, Катаниа одделил еден дел од аквариумот со електрично пропустлива бариера. Ја поставил јагулата на едната страна и една риба на другата страна. Потоа ја хранел јагулата со црви кои ги предизвикуваат електричните импулси кои кога ја преминале бариерата и ја удриле рибата предизвикале силно грчење на мускулите.

Потоа, го насочил вниманието на начинот на кој јагулата ги користи електричните сигнали за да лови, бидејќи нема добар вид. Всушност, со кратките импулси со висок напон, кои ги испушта додека лови, предизвикува грчење на телото на пленот, со што се создава бранување на водата што јагулата може да го почувствува, па така го лоцира пленот.

„Она што јагулите го прават е навистина извонредно“, заклучува Катаниа. „Можат да ги користат електричните сигнали како далечински управувач за својот плен. Ако некоја риба се крие во близина, ја присилува да си ја открие местоположбата, додека пак ако е подготвена да ја зароби, ја парализира и не може да избега“.

 

Поддржете ја нашата работа: