На повидок вакцина за вирусот Зика?

Една индиска био-технолошка компанија вели дека има две потенцијални вакцини против вирусот Зика, кои следната недела би можеле да влезат во предклинички тестирања на животни.

Сѐ уште нема докази колку овие потенцијални вакцини ќе бидат ефикасни против вирусот, кој Светската здравствена организација (СЗО) го прогласи за глобална закана, но ова се првите две можни вакцини кои доспеале до оваа фаза, што претставува добар знак.

Причината зошто десега нема вакцина за вирусот Зика лежи во фактот што до неодамна болеста не се сметаше за опасна. Кај повеќето лица симптомите траат само околу една недела и се манифестираат со треска, осип и чешање на очите.

Но, болеста почна брзо да се шири на територијата на Америка и на почетокот на годинава во Бразил беше забележана силна поврзаност помеѓу вирусот Зика и драматичното зголемување на случаите на микроцефалија кај новороденчињата. Оваа поврзаност сѐ уште треба да се потврди, но, доказите беа доволно силни за СЗО да прогласи опасност од највисоко ниво, а најпогодените земји, како Ел Салвадор, отидоа дури дотаму што им советуваа на жените да ја одложат планираната бременост до 2018 година.

Исто така се интензивираше и притисокот за вакцина која ќе ги заштити бремените жени од болеста.

Но, се покажа дека индиската компанија „Bharat Biotech“ веќе работела на изнаоѓање на можна вакцина против вирусот Зика во последните 18 месеци, од единствена причина што тоа се поклопило со нивните истражувања во врска со вакцина за две други болести кои се шират преку убод од комарец – Чикунганја и денга.

Откако биле забележани сличности помеѓу раните фази на Зика, Чукунганја и денга, компанијата ги патентирала двете потенцијални вакцини минатата година, иако не продолжила да го развива конечниот производ. Со случувањата на почетокот на годинава, поврзани со Зика, компанијата сега е спремна да почне ја тестира вакцината на животни во следните две недели.

Тестирањето на потенцијалните вакцини на животни се очекува да трае околу пет месеци, пред да може да се тестираат на луѓе, што значи дека ќе помине долго време пред да се знае дали вакцините ќе бидат ефикасни или не. Но, како прва компанија која ги потентирала состојките против Зика, „Bharat Biotech“ има голема предност во однос на јапонските и француските компании кои објавија дека ќе започнат со истражувања за вакцина.

Постои и друга опција во борбата против Зика. Научници од Велика Британија создале генетски модифицирани машки комарци кои се парат со женски, но даваат потомство кое набрзо изумира, бидејќи во исхраната им е потребен додаток кој не може да се најде во природата, а тој ген секогаш се пренесува на наследството.

Ова ќе помогне и во борбата против Зика, бидејќи помалку комарци значи и помала можност за пренос на болеста. Во бразилскиот регион Елдорадо, каде овие комарци се веќе пуштени, бројот на заразени од денга за една година паднал од 133 на само еден случај.  

Засега не се знае дали СЗО и локалните власти ќе ја применат оваа опција во борбата против Зика, но со милиони заразени луѓе и опасност болеста да се прошири во целиот свет, јасно е дека нешто мора да се преземе, многу брзо!

Поддржете ја нашата работа: