Најлошите можни сценарија од глобалното затоплување

Веќе долго време светот се соочува со проблемите предизвикани од зголемувањето на температурата.

Авторите нагласуваат дека лидерите треба да се фокусираат на како што велат „најлошите можни сценарија“ и каква е веројатноста тие да се остварат.

Во извештајот уште еднаш се нагласуваат директните ризици што со себе ги носи затоплувањето. Се вели дека со сегашната стапка на пораст на емисиите на јаглерод диоксид, температурата ќе се зголеми за 4 степени Целзиусови, „ако не и повеќе“ до 2150 година. Помеѓу останатите негативности, ова ќе доведе до суши и значително намалување на приносите од посевите.

Но, во извештајот се нагласува и дека најголемата закана од климатските промени можат да бидат, како што ги нарекуваат,„системските ризици“.

Во студијата се вели дека ова произлегува од поврзаноста на луѓето, пазарите и владите. На пример, климатските промени може во голема мерка да го зголемат ризикот од екстремни појави што ќе го погодат производството на храна во втората половина од овој век.

„Ако политиката и пазарот реагираат така што ќе ги засилат, наместо да ги ублажат овие шокови, реално може да се очекува невиден пораст на цените на глобалниот пазар, со трикратно зголемување на цената на најпогодените житарици“, се вели во извештајот.

Во извештајот се предупредува на значителните безбедносни ризици што ги носи затоплувањето. Зголемениот пораст на население што се бори за ресурси може да ја згрози стабилноста во земјите кои се сметаат за развиени. Миграцијата, предупредуваат авторите, „би можела да стане повеќе неопходност отколку избор“.

„Една од најважните цели на политиките за климатските промени е да се препознаат можностите од лоши исходи, а тоа може да се постигне со целосна проценка на сите можности“, се вели во извештајот.

Во комисијата која е овластена од Министерството за надворешни работи на Велика Британија, зеле учество Сер Дејвид Кинг, специјален претставник на Велика Британија за климатски промени, и водечките членови на научните комитети на САД и Кина, заедно со експерти за проценка на ризик во енергетиката, финансиите и воените прашања.

Активистите и еколозите го поздравија извештајот и веруваат дека ќе помогне да се изврши притисок врз политичарите да донесат нов глобален договор, со кој ќе се ограничи затоплувањето до 2 степени Целзиусови.

Поддржете ја нашата работа: