НАСА: Постои езеро на Плутон

Поминаа неколку месеци откако „Нови Хоризонти“ прелета покрај Плутон, но се’ уште не се префрлени сите податоци и фотографии во седиштето на НАСА.

Меѓу најновите податоци кои НАСА ги објави оваа недела се доказите кои укажуваат дека замрзнатиот течен азот, кој опфаќа голем дел од површината на планетата, не бил отсекогаш толку замрзнат.

НАСА смета дека промените во атмосферскиот притисок на Плутон со текот на времето резултирале со одмрзнување на таа маса односно нејзино претворање во течна состојба.

Оваа хипотеза ја потврдуваат разни детали на површината снимени од страна на „Нови Хоризонти“, вклучувајќи ја и оваа фотографија на нешто што наликува на замрзнато езеро, направена северно од ледената планина „Sputnik Planum“.

nasa-lake-2Според научниците, ова најверојатно претставува езеро од течен азот кое постоело на површината на Плутон во минатото.

Орбитата на Плутон е оддалечена неколку милијарди километри од Сонцето и просечната температура на површината изнесува -229 степени Целзиусови. Според научниците, замрзнатиот азот најверојатно се стопил поради малата промена на аголот под кој Плутон орбитира околу Сонцето, како и неговата огромна орбита околу Сонцето која трае 248 години.

Така, во текот на неговата долга орбита и во зависност од аголот на орбитирање, Плутон е изложена на екстремни промени во атмосферскиот притисок кои влијаат на температурата на површината и ако НАСА е во право – предизвикуваат замрзнатиот азот да се стопи во течни реки и езера.

Според пресметките на научниците, ова последен пат се случило пред околу 800 илјади години кога аксијалната накосеност достигнала 103 степени. Во моментов, Плутон се наоѓа во преодна фаза меѓу своите климатски екстреми, што значи дека ќе помине уште многу долго време пред ова повторно да се случи.

Досега, „Нови Хоризонти“ испрати само половина од податоците, па со нетрпение очекуваме да видиме што е следно.

Поддржете ја нашата работа: