НАСА веќе подолго време работи на нови видови на погони што конечно би овозможиле летови со човечки екипаж до далечните планети во нашиот сончев систем, како и испраќање на вселенски сонди во соседните системи во разумен временски рок.
Новиот, таканаречен фотонски погон на кој работи НАСА се базира на фотони кои удирајќи во големо јадро направено од исклучително лесен материјал би го забрзале леталото до вредности многу поблиску до брзината на светлината, во однос на тоа што го можат денешните летала. Најбрзото летало што досега е конструирано е вселенската сонда Хелиос 2, која развила максимална брзина од 70,22 км/сек, што изнесува само 0,23‰ од брзината на светлината.
Фотонскиот погон се потпира на гигантски ласерски системи поставени на површината на Земјата, кои со смерување на своите зраци кон јадрото, за кратко време би го забрзале леталото до незамислива брзина. Научниците од НАСА сметаат дека денеска постои потребната технологија за изработка на таков вид вселенско летало.
Погоните кои денеска се користат се базираат на хемиска реакција на водород и кислород и се со релативно краток здив, а леталото е дополнително оптоварено со тежината на горивото. За разлика од нив, погоните кои се базирани на светлина или некој друг вид на електромагнетизам не се ограничени од вакви недостатоци и како што истакнува д-р. Филип Лабин, научник од НАСА кој работи на овој проект, „Електромагнетската акцелерација е лимитирана единствено од брзината на светлината, додека хемиските системи се ограничени на енергијата што се создава од хемиската реакција“.
Се разбира, таков тип на погон е многу полесно да се оствари во лабораторија и да се тестира на релативно мали модули, за разлика од неизмерно посложената изградба на функционално летало и соодветен систем за поддршка и на Земјата и во орбитата. За илустрација, еден од битните елементи на таквиот погон би претставувале и цела низа суперспроводливи магнети идентични како оние на Големиот хадронски судирач на ЦЕРН, но на ногу повисоко ниво.
Според пресметките на д-р.Лубин, со фотонскиот погон патувањето на роботските сонди помеѓу Земјата и Марс би се скратило на само три дена (со напомена дека сондата би тежела 100 кг.). Од друга стана, патувањето на вселенски брод со човечки екипаж до Марс би траело околу еден месец.
Сепак, фотонскиот погон би требало да се изрази само на подолгите патувања кога леталото има повеќе време да се забрза, па со таков погон на располагање, НАСА би можела да размислува и за мисии со човечки екипаж и во надворешните делови од Сончевиот систем, почнувајќи од астероидниот појас, областа со џиновските планети, па до Кајперовиот појас.
Иако фотонскиот погон не е прикладен за меѓуѕвездени патувања со човечки екипаж (за ова сепак се попогодни „warp“ погоните, на кои НАСА исто така работи), овој погон би можело да отвори можност за испраќање на сонди до најблиските ѕвездени системи во разумен временски рок, и тоа испраќање на релативно мали сонди кои би можеле да се забрзаат речиси до брзината на светлината.
Согледувајќи го потенцијалот на истражувањата на д-р. Лубин и неговите соработници, НАСА одобрила додатни средства за работа на проектот за фотонски погон, со цел да се тестира неговата реална изводливост.