Хенри Г. Џ. Мозли (23 ноември 1887 – 10 август 1915) е англиски физичар. Неговиот извонреден придонес за науката е докажувањето на физичките закони за претходните емпириски и хемиски концепти на атомскиот број. Тоа произлегува од Мозлиевиот закон кој потврдил многу концепти во хемијата преку сортирање на хемиските елементи во периодичниот систем на елементи, според нивните својства.
Мозлиевиот закон овозможил напредок на атомската физика бидејќи ги овозможил првите експериментални докази во корист на теоријата на Нилс Бор, од која произлезе моделот на Ернест Ратерфорд и Антониус ван ден Брук според кој атомот во своето јадро содржи одреден број на позитивни полнежи кој е еднаков на неговиот (атомски) број во периодичниот систем. Овој модел е се’ уште прифатен и денес.
Мозли е роден во Вејмут, Дорсет, на јужниот брег на Англија, во 1887 година. Татко му бил биолог и професор по анатомија и психологија на Универзитетот во Оксфорд, но починал кога Мозли бил многу млад. Тој бил талентирано момче. Добил стипендија за колеџот Итон, каде во 1906 година добил награди за физика и хемија. Потоа студирал на колеџот Тринити на Универзитетот во Оксфорд, каде што дипломирал во 1910 година и веднаш потоа станал демонстратор по физика на Универзитетот во Манчестер, под надзор на Сер Ернест Ратерфорд.
Во 1913 година се вратил на Оксфорд и започнал со своите експерименти. Го набљудувал и мерел спектарот на Х-зраци кај различни хемиски елементи (главно метали) што воедно претставува и пионерска употреба на методот на спектроскопија на Х-зраци. Во 1914 година започнала Првата светска војна и тој ја напуштил својата работа за да се приклучи на британската армија. Загинал на 10 август 1915 година, на 27-годишна возраст, за време на битката кај Галиполе, Турција. По неговата смрт, британската влада забранила учество на истакнати и надежни научници во војската. Некои истакнати научници сметаат дека доколку не загинел, ќе ја добиел Нобеловата награда за физика во 1916 година и ќе придонел уште многу за науката.