Научник на денот: Трифче Сандев

Негово поле на интерес и истражување се природно-математичките науки, поконкретно физиката и математичката физика. Во моментов е вработен во Дирекцијата за радијациона сигурност, каде работи како помлад соработник во Одделението за дозволи, лиценци, мониторинг и вонредни настани. Поточно, работи на издавање дозволи, вршење инспекција на сите оние институции кои користат извори на јонизирачко зрачење, рентген апарати, компјутерски мамографи, томографи. Но, иако вели дека е ценет во професијата и во фелата, сепак, себеси се гледа во научно-истражувачка институција. 

Досега има учествувано на повеќе конференции, семинари, обуки и школи, во земјава и надвор, каде презентирал дел од резултатите од неговата научна и стручна работа. Автор е на дваесеттина научни и стручни трудови, од кои повеќето се објавени во референтни меѓународни списанија со фактор на влијание. Се јавува како рецензент на повеќе научни трудови во три меѓународни списанија: „Journal of Physics A: Mathematical and Theoretical“, „Physica Scripta“ и „International Journal of Modern Physics B“.

Член е на Друштвото на физичарите на Република Македонија и на Европското друштво на физичари.

Тој е добитник на признанието „Најдобар млад научник“ за 2011 година, за објавени научни трудови во текот на 2011 година за физика, математика и применета математика во меѓународни списанија со фактор на влијание. Изборот на најдобар млад научник на годишно ниво од страна на Претседателот на Република Македонија претставува поттик на младата научна и истражувачка мисла во Република Македонија. За прв пат е доделено во 2010 година.

Трифче Сандев посочил дека да се добие едно вакво признание од Претседателот на државата за еден млад човек, којшто се наоѓа на почетокот на својата научно-истражувачка кариера, навистина значи многу. 

Оваа награда ме прави среќен и задоволен бидејќи претставува потврда за квалитетот на мојата досегашна работа и нејзиното значење за државата, но уште повеќе ме поттикнува и обврзува да продолжам да давам сè од себе и понатаму да придонесувам за промоција на научните истражувања од Република Македонија. Само со посветеност на младите кон науката и стимулирање за нивните резултати и достигнувања, ќе се соочуваме со предизвиците што ги носи новото време,“ вели Сандев.

Во декември 2012 година, д-р Трифче Сандев одржал предавање пред студентите од техничките науки во Народната канцеларија на претседателот Иванов во Скопје, како и пред студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, при што беа презентирани дел од неговите научни резултати на темата „Физичко моделирање за природните појави“.

Поддржете ја нашата работа: