За прв пат досега, научниците идентификуваа групи на гени во мозокот за кои се верува дека се поврзани со човековата интелигенција.
Двете групи кои се наречени М1 и М3, претставуваат мрежи кои се состојат од стотици посебни гени, а се смета дека влијаат на когнитивните функции како меморијата, вниманието, брзината на обработката на информациите и расудувањето.
Истражувачите од Кралскиот колеџ во Лондон, кои ги идентификувале М1 и М3 групите, велат дека овие групи веројатно се под контрола на главни активатори кои ја регулираат работата на овие генски мрежи. Ако ова се покаже точно и ако научниците откријат кои се тие активатори, ова дури би можело да значи и дека ќе можеме да манипулираме со нашата генетска интелигенција и да ги зајакнеме нашите когнитивни капацитети.
Научниците дошле до ова откритие преку испитување на мозоци од пациенти кои биле подложени на неврохируршки зафат како третман за епилепсија. Тие анализирале илјадници гени изразени во мозокот и ги споредиле со податоците од здрави лица кои правеле тест за интелигенција, и со лица со невролошки нарушувања и интелектуална попреченост.
Споредувајќи ги резултатите, научниците откриле дека некои од гените кои влијаат на човековата интелигенција кај здравите луѓе, можат исто така да предизвикаат значителни невролошки нарушувања ако мутираат.
„Карактеристиките, како што е интелигенцијата, се управувани од големи групи на гени кои работат заедно – исто како фудбалскиот тим што го сочинуваат повеќе играчи поставени на различни позиции. Со помош на компјутерски анализи ги идентификувавме гените во човековиот мозок кои работат заедно и влијаат на нашите когнитивни способности да создаваме нови мемории или да носиме разумни одлуки кога се соочуваме со голем број комлексни информации. Откривме дека некои од овие гени коинцидират со гените кои предизвикуваат епилепсија или интелектуална попреченост во детството“- вели неврологот Мајкл Џонсон од Кралскиот колеџ во Лондон.
Истражувањето е сѐ уште во рана фаза, но авторите веруваат дека нивните анализи би можеле да имаат значително влијание не само врз начинот на кој ги разбираме и ги третираме болестите на мозокот, туку, веројатно еден ден и на менувањето на самата интелигенција.
Резултатите од истражувањето се објавени во „Nature Neuroscience“.