Науката позади хипнозата

Хипнозата е вистински феномен – дури и животните може да се хипнотизираат, но што навистина претставува хипнотизмот – се’ уште останува нејасно.

Во еден извонреден експеримент што бил објавен во „New York Times“, на лица во пост-хипнотичка состојба им било сугерирано дека ќе видат зборови кои не можат да ги разберат, бидејќи се на странски јазик. Потоа, додека им го скенирале мозокот, од нив било побарано да извршат една задача („Stroop task“), каде требало на глас да ја прочитаат бојата на зборовите, но не и текстот.

Кога зборовите се на странски јазик, задачата е лесна, но кога се на мајчин јазик, скоро е невозможно да се изврши правилно, поради „ефектот на мешање“, кој предизвикува значењето на зборовите да има приоритет над видливата боја.

Сепак, со пост-хипнотичка сугестија, лицата биле во состојба без проблем да ја извршат задачата. И не само тоа, снимките од мозокот покажале дека делот од мозокот одговорен за јазиците не бил активиран. Значи, не само што зборовите на лицата им „изгледале“ дека се на странски јазик, туку и мозокот ги процесирал како тие навистина да се такви. Овој експеримент, можеби е првиот солиден доказ дека хипнозата е невролошки феномен.

Но за каков вид на феномен се работи? Од тука веќе почнуваат контроверзите.

Генерално, хипнозата се смета за изменета состојба на свесноста – една широка категорија која ги опфаќа медитативните состојби, „flow”– состојбите, психоделичните состојби предизвикани од дроги  и психозите. Но, бидејќи свесноста не е доволно јасна, оттука и незините промени не можат да бидат доволно јасни.

Поконкретно, хипнозата е состојба на екстремна „сугестибилност“, феномен во кој се вбројуваат и плацебо ефектот, рекламирањето, верските култови, но може да вклучува и секакво друго специфично општествено однесување. Ако непознат човек на улица побара од вас да се соблечете, вие ќе повикате полиција, но кога непознат човек облечен во бел мантил во болница ќе го побара од вас истото, вие тоа го прифаќате нормално. Дали тогаш сте хипнотизирани?

Хипнозата може едноставно да претставува вешта манипулација со вниманието, јазикот и контекстот, за да се воспостават привремени верувања кои потоа влијаат на перцепцијата и однесувањето.


Хипнозата, обично се состои од три компоненти: насочување на вниманието, невообичаена употреба на јазикот и тестови. Од насочувањето на внимнието зависи што ќе навлезе или нема да навлезе во перцептивната свесност. Навообичаената употреба на јазикот може да ја подели свеста, за да можат сугестиите да се прават индиректно, додека резонирањето и скептицизмот се деконцентрирани. Тестовите се задачи кои се користат за да се создаде илузија дека субјектот му ја предал својата контрола на хипнотизерот, што доведува до тоа субјектот уште повеќе да ја препушта својата контрола на хипнотизерот. На пример, хипнотизерот може да ви рече дека чувствувате дека очните капаци ви се тешки, па кога ќе го почувствувате тоа, вие мислите дека сте хипнотизирани, што пак предизвикува да станете уште повеќе хипнотизирани.

Идентификувани се неколку нивоа на транс. Кај некои модели може да се разликуваат 30 различни „длабочини на трансот“, од лесно сугестибилни, па дури до можност да се заборават зборови, неможност да се видат предмети, промена на бои, да не се почувствува болка, или „да се заспие“ по наредба. Иако, обично хипнотизерите на сцена ќе се обидат да го натераат хипнотизираниот да направи нешто непријатно, општо е познато дека луѓето нема да направат ништо што е спротивно на нивниот вредносен систем.

За хипнозата не е секогаш потребна формална воведна процедура. Милтон Ериксон, веројатно најефекасниот хипнотерапевт на сите времиња, еднаш требало да му ја сошие раната на дете што било донесено во болница со расеченица на главата. Наместо да употреби анестезија, Ериксон на детето почнал да му објаснува како тој би му ја сошил раната. Почнал детално да му објаснува, истовремено правејќи движења и гестикулации околу главата на детето. Детето станало нестрпливо и го прашало кога ќе го стори тоа, а Ериксон одговорил дека раната веќе му е сошиена.

Поддржете ја нашата работа: