Необичниот живот на бесмртната медуза

The "immortal jellyfish" can transform itself back into a polyp and begin life anew.

Низ вековите секогаш постоеле митови за бесмртноста – божествената способност да се живее засекогаш. Научниците, поконкретно морските биолози, се одговорни за откривањето на суштествата кои се најблиску до бесмртноста – медузите.

Медузите се посебни суштества на многу начини. На пример, тие немаат мозок, ниту срце. Имаат само еден отвор низ кој храната влегува, а отпадот излегува. Всушност, тие јадат преку анусот.

Медузите се исто така најефикасните пливачи во океаните. Тие користат помалку енергија за да поминат одредено растојание од кое било друго суштество во океаните. Како ја добиваат оваа екстра ефикасност?

Како прво, тие ја туркаат водата во спротивна насока од онаа каде што сакаат да одат, што е многу поефикасно отколку да ја буткаат странично како рибите.

Како второ, кога нивното тело во облик на ѕвоно се стега и опушта, создава два вртлози, односно ротирачки прстени на вода. Првиот се оддалечува од медузата, додека вториот се врти и вшмукува вода, што дополнително ја турка медузата напред. Така, медузите можат да патуваат дополнителни 30% од растојанието без да користат енергија.

Досега, постои само еден вид на медуза која неофицијално го носи името на бесмртна медуза, а официјално името и е „Turritopsis dohrnii“. Тие се единствениот познат животински вид кој е способен за целосно враќање во сексуално незрела фаза, откако ќе ја достигнат својата зрелост.

Покрај тоа што е вечна, се чини дека е застапена насекаде. Се пренесува насекаде низ светот преку бродовите кои пренесуваат товар (бродовите имаат посебни резервоари за вода, кои ги полнат после истоварањето на товар, за да ја одржат стабилноста и рамнотежата за време на пловењето, па во таа вода може да има и вакви медузи).

Возрасната машка бесмртна медуза ја исфрла својата сперма во водите на океанот, а дел од неа завршува во женска медуза, при што таа се оплодува. По кратко време, женката исфрла мали ларви наречени планули, кои по некое време се нурнуваат до дното и се прикачуваат на некоја карпа. Потоа целосно ја менуваат формата и се претвораат во колони на разгранети полипи.

e_Corymorpha-hydroidПо неколку дена, повторно ја менуваат формата и мали медузи (околу еден милиметар во дијаметар) се одвојуваат од врвовите на полипите и пловат низ водите како минијатурни чадорчиња со пипала. По две до четири недели, тие стануваат сексуално зрели единки, сега со големина од околу 5 милиметри во дијаметар. Нивниот црвен стомак може да се види низ транспарентното тело. Се хранат со планктони, мали мекотели, ларви и рибини јајца.

02jellyfish1-superJumbo-v3

Можеби се речиси бесмртни, но не се отпорни на секаков вид на закани од средината. Можат да бидат изедени од други поголеми суштества, или да бидат убиени на тој начин што ќе ги вшмукаат вентилите на нуклеарните централи, што значи дека тие сепак може да умрат.

Бесмртноста се однесува повеќе на тоа кога овие медузи преживуваат напад, глад или некаков вид на стрес од животната средина. Наместо да умрат како останатите суштества, тие најпрво се претвораат во мало топче и потоа се враќаат во фазата на полипи, во текот на три дена. Тие се регрупираат како колонија на полипи и остануваат прикачени за карпите.

lifecycle

Овие нови полипи се генетички идентични на оригиналната медуза, но едноставно изгледаат поинаку. Дали тоа значи дека оригиналната медуза умрела? Па, не баш.

Тоа е слично како на пример пеперутката наместо да умре повторно да се претвори во гаеница, или кокошката во јајце, или кога ние луѓето би можеле бесконечно да преминуваме од старци во бебиња. Технички, целиот процес е еден вид на регенерација, но тоа е најблиското нешто што го имаме до бесмртност.

Поддржете ја нашата работа: