Алиа Гуртов, еден од „подземните астронаути“ кој помогна во ископувањето на коските, го споредува ова откритие со секвенционирањето на геномот на Неандерталците, бидејќи го има истиот фактор на изненадување. Следува нејзиното интервју преземено од „New Scientist“.
Чии коски се овие?
На примитивен вид на човек. Возрасниот мажјак бил висок 1,5 м. и структурата на нозете сугерира дека поголемиот дел од времето се движел на две нозе. Сепак, искривувањето на прстите, слично како кај предците мајмуни, како и формата на рамената, покажуваат дека дом на „Homo naledi“ биле и дрвјата.
Има извонреден недостаток на разновидност во остатоците, што укажува на тоа дека сите коски припаѓаат на еден вид, или група на тесно поврзани поединци од еден вид – можеби племе или семејство. Возраста е различна – од новороденчиња до возрасни, и веројатно се присутни и мажи и жени.
Каде точно се пронајдени коските и како се нашле таму?
Повеќе од 1.500 коски се пронајдени во одајата Диналеди (Dinaledi chamber) – дел од пештерскиот систем „Rising Star“ северозападно од Јоханесбург, во регионот кој го носи прекарот „Лулка на човештвото“ поради огромниот број на човечки фосили кои се пронајдени таму. За да се стигне до Диналеди мора да се премине низ тесна вертикална оска од 12 м. Изгледот на пештерата се чини непроменет илјадници години, па телата или биле влечени во пештерата па потоа фрлени во оската, или пак луѓето сами ползеле надолу и подоцна умирале.
Би можело ли Диналеди да претставува место каде што ги погребувале мртвите?
Можеби би било подобро да речеме гробница, но без разлика на тоа кој термин ќе го употребиме, пронаоѓањето на толку многу коски на раниот човек на едно место е ретка појава. Истражувачите се сомневаат дека телата навистина биле намерно депонирани таму.
Како поинаку би можеле коските да се најдат во пештерата?
Можеби луѓето влегле таму како група, можеби за да избегаат од некоја битка или природна катастрофа, па потоа останале заробени и умреле. Но, со оглед на тоа дека пристапот до пештерата е тежок, поверојатно е дека телата биле додавани едно по едно.
Доколку навистина е гробница, што кажува тоа за начинот на кој се ослободувале од мртвите?
Ова е нешто невидено. Најсличниот пример доаѓа од една пештера на планините Акапуерка во Шпанија, наречена „Јама на коските“ (Sima de los Huesos) која содржи илјадници коски на 28 луѓе, најверојатно од видот „Homo heidelbergensis“ кои датираат од пред околу 350 илјади години. Се чини дека телата биле намерно фрлени, а припаѓале на релативно напредни видови кои имале голем мозок, речиси како нашиот.
Мозокот на „Homo naledi“ е многу помал, отприлика колку мозокот на горилата, а една третина од нашиот. Ако толку примитивни луѓе, на таков начин се ослободувале од мртвите, тогаш треба целосно да ја преиспитаме еволуцијата на познанието и почитувањето на смртта.
Во пештерата е „црна темница“. Кога древните луѓе влегувале, како гледале што прават?
Тимот на истражувачи сугерира дека користеле факели. Доказите за контрола на оганот кај нашите предци се ретки и крајно оспорувани.
Можел ли „„Homo naledi“ да зборува?
Постои претпоставка дека кранијалниот дел на еден од примероците покажува сличности со нашиот мозок, во областите поврзани со говорот. Меѓутоа, иако е возможно да се забележат нерамнини на мозокот од фосилните черепи, не постои согласност за тоа каква поврзаност има тоа со когнитивната способност. Немаме никаква престава дали тие можеле да зборуваат, иако коските би можеле да ни дадат индиции.
Нашите древни предци – Австралопитекуси, кои постоеле пред еволуцијата на „Homo“, имале подјазична коска која кај нас атрофирала. Ако оваа структура е присутна кај „Homo naledi“ ќе можеме да откриме нешто за вокализацијата кај овие видови.
Исто така, треба да се испитаат коските на средното и внатрешното уво, кои се различни кај луѓето и кај другите мајмуни, па тоа ќе ни даде некаква претстава за тоа како го обработувале звукот.
Како „Homo naledi“ е поврзан со нас?
Коските имаат чудна мешавина од примитивни и современи карактеристики и се’ уште не знаеме како „Homo naledi“ се вклопува во семејното дрво на човекот.
Не знаеме ни колку е стар. Би можел да биде милиони години стар, што го прави еден од најраните видови на „Homo“, или само десетици или стотици илјади години стар, што го прави редок вид на човекот кој преживеал во современото време, како „H. floresiensis“ на пример, „хобитот“ од Индонезија.
Тимот на истражувачи вели дека можно е да се тестираат изотопите за да се одреди староста на остатоците, но досега не е направен обид за да се извлече ДНК.