Беше потребно долго време за да почнат да се лекуваат раните што на брегот на Јапонија ги предизвика земјотресот во 2011 година и цунамито што следуваше потоа. Сепак, позитивни вести стигаат од истражувачите што го мерат нивото на радијација во Пацификот.
После повеќе од пет години, нивото на радијацијата се врати речиси на нормала, иако радиоактивен материјал сѐ уште протекува од нуклеарната централа во Фукушима која беше оштетена од цунамито.
Интернационален тим, предводен од научниците од Универзитетот Едит Ковен (ЕКУ) во Австралија, направиле обемна проверка на нивото на радијацијата низ водите во Пацификот, со цел да ја проверат состојбата на водата после пет години од катастрофата. Според истражувачите има и добри и лоши вести.
„Нивото на радијацијата низ океанот најверојатно ќе се врати на нивото пред катастрофата (поврзано со нормалното тестирање на нуклеарни оружја) во следните четири до пет години. Сепак, морското дно и пристаништето во близина на централата Фукушима, сѐ уште се високо контаминирани и мониторирањето на нивото на радијацијата и на морските животни во таа област мора да продолжи“- истакнува ко-авторот на студијата Пере Маск од ЕКУ.
Во 2011 година, половина од примероците од рибите земени од водите во близина на Фукушима содржеле недозволено ниво на радиоактивен материјал. До минатата година, тој број се намалил само за еден процент.
Катастрофата од 2011 година предизвика дотогаш најголемо истекување на радиоактивен материјал во морските води, а овој инцидент беше еден од само двата настани досега што се квалификувани како ниво 7 на Меѓународната скала за нуклеарни инциденти (другиот е Чернобил). Затоа и веста дека Пацификот се опоравува, после таков тежок инцидент, е уште повеќе неверојатна.
За проверка на нивото на радиоактивност, истражувчите инкорпорирале 20 посебни студии кои го анализирале нивото на радиоактивниот цезиум, детектиран во океанските води од брегот на Јапонија, па се до Северна Америка.
Цезиумот е особено корисен елемент за следење на ширењето на радијацијата, бидејќи е нуспроизвод на науклеарната енергија и е високо растворлив во вода.
И покрај ветувачкиот пад на радиоактивноста, истражувачите повикуваат на поголема подршка во напорите да се следи радијацијата, бидејќи опасни материјали и понатаму истекуваат од Фукушима.
Напорите да се стават под контрола овие истекувања се одвиваат постојано – изградба на подводен леден ѕид е еден од начините со кој јапонските власти се надеваат дека ќе ги намалат идните истекувања на радиоактивниот материјал (енаука.мк). Сепак, се проценува дека ќе бидат потребни 30 до 40 години пред централата, односно реакторот да биде потполно затворен.
Наодите се објавени во „Annual Review of Marine Science“.