Норвешка ќе вложи милијарда долари во велосипедски патеки

Норвешката влада објави дека ќе потроши 8 милијарди норвешки круни (околу 923 милиони американски долари) за изградба на велосипедски патеки, како свој придонес кон намалување на климатските промени, пишува „Mental Floss“

Мрежата од 10 двонасочни велосипедски автопати низ целата земја ќе им овозможи на велосипедистите многу побезбедно и побрзо да патуваат помеѓу градовите. Властите се надеваат дека ова ќе ги поттикне луѓето помалку да ги користат своите автомобили.

Новите велосипедски патеки се дел од заложбите земјата да ги намали емисиите на гасови од транспортот за половина, а до 2050 година да стане потполно ослободена од јаглерод диксид.

Дел од планот е воопшто да нема пораст во користењето на автомобилите од сега до 2030 година, а данокот за возилата да се зголеми за половина, за да може ова да се реализира.

Норвешките велосипедисти ќе можат да патуваат по новите патеки од внатрешните делови на градовите кон предградијата со брзина и до 40 км. на час со што би требало да се намали притисокот во јавниот транспорт и пренатрупаноста на патишта. До 2030 година, властите сакаат 10 до 20 проценти од патувањата да бидат со велосипед.

Сепак, не се сите убедени дека оваа идеја ќе успее, со оглед на зимите богати со снег, кои можат многу да го отежнат движењето на велосипедите надвор од јадрото на градовите. Противниците на оваа идеја се залагаат повеќе пари да се вложат во подобрување на јавниот транспорт. Велосипедизмот во Норвешка не е толку популарен како во другите Скандинавски земји, но владата се надева дека тоа ќе се смени кога ќе бидат претставени новите патеки.

Норвешката влада исто така ќе ги претстави и новите насоки за намалување на емисијата на гасови за автобусите, камионите, бродовите и фериботите, додека железницата и патиштата се реновирани низ целата земја.

Засега, велосипедите повеќе се користат во соседните земји, Данска и Шведска. Властите во главниот град на Данска, Копенхаген, инсталираа паметни семафори со кои предност им се дава на велосипедистите и автобусите во однос на автомобилите . Како и во Норвешка, целта е на патниците што редовно патуваат кон центарот на градот (и назад, на крајот на работниот ден) да им се обезбеди непречено и побрзо да се движат, а при тоа да користат поеколошка опција за превоз.

Поддржете ја нашата работа: