Нов роботски егзоскелет за инвалиди

Истражувачите од Универзитетот Беркли во Калифорнија го претставија новиот роботски егзоскелет, наменет за да им овозможи на трајно парализираните лица да можат повторно да се движат.

Овој егзоскелет кој е наречен „Феникс“ е лесен, модуларен и релативно достапен по цена (во споредба со слични вакви уреди). За многу лица Феникс може да биде замена за инвалидските колички и ќе им овозможи да прават мали, но стабилни чекори, па дури и да играат фудбал (видео).

Модуларната природа на овој уред значи дека различните делови може да се додаваат и отстрануваат, во зависност од потребите на оној што го носи. Работата на Феникс е заснована повеќе на дизајнот на човечкото тело, отколку на принципите на индустриската роботика.

_76297935_ekso-gt-pt-pt-front-prof-carter-dow3

Мајкл МекКинли, еден од инженерите на проектот истакнува дека од непроценлива важност за развој на финалната верзија било учеството на двајца волонтери – Стив Санчез и Даниел Фукуши, кои им овозможиле да добијат увид во тоа како тие го доживуваат уредот.

Многу поскапите слични уреди чинат и по неколку стотици илјади долари, што ги прави недастапни за повеќето лица со вакви потреби. За разлика од нив, Феникс е направен да биде што е можно полесен и поевтин, преку внимателно избрани инженерски решенија.

Феникс сѐ уште чека одобрение од регулаторната комисија, но би требало да биде скоро достапен по цена од околу 40.000 американски долари. Иако цената не е мала, таа е значително пониска од алтернативните опции, а би требало уште да се намалува доколку производството биде поголемо.

Истражувачите веќе основале компанија со назив „SuitX“, за комерцијална продажба на Феникс, а планираат да развијат и варијанта наменета за деца.

Заедно со другите екзоскелети, како што е „ReWalk“, кои исто така внесуваат нов напредок на ова поле, иднината на лицата кои ја користат роботиката за надминување на својот инвалидитет изгледа ветувачка. Иако овие уреди се импресивни и сега, во блиска иднина , се очекува тие да бидат уште понапредни, поприродни и поевтини.

 

Поддржете ја нашата работа: