Да се содаде вештачка кожа и други ткива во лабораториски услови можеби звучи неверојатно, но научниците веруваат дека еден ден нема да има потреба од трансплантација и дека ќе биде возможно деловите од телото да се заменуваат како што се менуваат деловите во автомобилите.
Во прилог на ова зборува и новата вештачка кожа развиена од научниците во Јапонија, која е толку реалистична што може да создава коса, а потенцијално и потни жлезди.
Истражувачите предводени од Центарот за развојна биологија Рикен, екстрахирале клетки од непцата на глувци и ги претвориле во специјализиран тип матични клетки. Потоа овие клетки ги искористиле за создавање на тро-димензионална структура слична на кожа, заедно со фоликули од влакна и потни жлезди.
Откако повторно биле трансплантирани во кожата на здрави глувци без влакна, клетките од новата кожа почнале нормално да се развиваат. Сите три главни слоеви од кожата – епидермисот, дермисот и поткожниот слој од масно ткиво успешно се реплицирале, а вештачката кожа дури и нормално се поврзала со околните нерви, мускули и влакна.
Овие природни врски се главната причина поради која влакната можат да растат низ новата кожа.
Новата кожа, не само што ќе ја редуцира потребата од експерименти на глувци и стаорци во лабораториски услови, туку ќе направи и огромна разлика во третирањето на лицата со изгореници, како и други лица кои имаат потреба од трансплантација на кожа. Сепак, истражувачите проценуваат дека ќе помине барем една деценија пред да бидат достапни првите третмани во клинички услови.
Еден од најголемите недостатоци засега е фактот што новата кожа не може да создава нови нервни влакна – може само да се поврзе со постоечките. Покрај тоа, новата коса што расте од трансплантираната кожа не е секогаш иста со косата од другите делови од телото. Кај некои бели глувци кои биле користени во експериментите, од трансплантираната кожа израснале темни влакна.
Сепак ова е голем напредок во однос на претходните типови на вештачка кожа на кои им недостасуваа голем дел од природните биолошки компоненти на кожата.
Истражувањето е објавено во „Science Advances“.