Одобрено првото тестирање на вакцина против вирусот Зика

Американската администрација за храна и лекови (ФДА) го одобри првото тестирање на луѓе на експерименталната вакцина против вирусот Зика.

Наречена „GLS–5700“, вакцината ќе се користи во клиничко тестирање на 40 здрави лица. Ова претставува првиот голем чекор кон имунизирањето на лицата против вирусот Зика, кој во февруари беше прогласен за глобална здравствена вонредна состојба од страна на Светската здравствена организација (СЗО).

Вакцината функционира на тој начин што го стимулира имунолошкиот систем на телото да се одбрани себеси од Зика. Во кожата на човекот се инјектираат синтетички фрагменти од вирусна ДНК, со што се предизвикуваат Т-клетките на имунолошкиот систем да генерираат антитела за да се борат со инфекцијата.

Во текот на следните неколку недели пациентите ќе ја примат дозата, а резултатите од првата фаза на тестирањето се очекуваат кон крајот на оваа година.

Овие вести за тестирање на вакцината доаѓаат 2 месеци откако Центарот за контрола и превенција на болести во САД ја потврди поврзаноста помеѓу вирусот и дефектите при раѓањето (микроцефалија) и претставува кулминација на интензивен деветмесечен развој на вакцината.

Од мај 2016 до сега, 58 земји и територии пријавиле ширење на вирусот преку комарци, што значи дека инциденците на вирусни инфекции и медицински состојби предизвикани од вирусот се шират, а не се намалуваат.

Треба да се напомене дека тоа што оваа вакцина стигнала до тестирање на луѓе не е гаранција дека безбедно ќе ги имунизира луѓето против Зика. Вакцината е успешно тестирана на мали и големи животински модели, но клиничките тестирања на луѓето може да траат со години пред да се покаже дека безбедна, а и тоа не е гаранција дека ќе биде ефикасна или дека ќе ги помине следните фази на тестирање.

За среќа, оваа вакцина не е единствената. Во моментов, индиската компанија „Bharat Biotech“ тестира вакцина на животински модели, а француската фармацевтска компанија „Sanofi SA“ ќе почне со клинички тестирања на луѓе кон крајот на оваа година. Во САД, Националниот институт за алергии и инфективни болести чека одобрување за да започне со тестирање на сопствена вакцина, што значи дека во рок од неколку недели може да имаме одобрување за дури две вакцини.

Иако има уште долг пат пред некоја од овие вакцини да биде готова, најважно е тоа што има надеж.

Поддржете ја нашата работа: