Откажувањето од цигарите буквално зависи од мозокот

Научниците од Факултетот за медицина при Универзитетот Дјук, со помош на магнетна резонанца ги скенирале мозоците на 85 пушачи, еден месец пред да се обидат да се откажат од пушењето. Околу половина успешно се откажале, а остатокот по 10 недели повторно започнале да пушат.

Кога научниците ги анализирале снимките од оние кои успешно се откажале, забележале впечатлива сличност меѓу нив. Тие откриле поголема комуникација на невроните во инсулата ( што е активна кога пушачите имаат желба да запалат цигара) со соматосензорниот кортекс (кој е центар за контрола на моторните движења и чувството за допир). Лицата кои не успеале да се откажат од пушењето, имале помала поврзаност помеѓу овие региони.


„Знаеме дека овој регион е поврзан со желбата, мотивацијата за пушење и откажувањето. Инсулата испраќа порака до други делови во мозокот, кои потоа одлучуваат дали ќе земете цигара или не“, вели д-р Џо Меклернон, невролог на универзитетот и еден од авторите на истражувањето.

Научниците се надеваат дека овие откритија ќе ја постават основата за нови идни третмани на луѓето кои се обидуваат да се откажат од цигарите, посебно насочени кон функцијата на мозокот, како на пр. транскранијална магнетна стимулација или неврофидбек кои имаат потенцијал да ја моделираат функцијата на мозокот на начини кои би можеле да го подобрат исходот.

Истражувањето е објавено во списанието „Neuropsychopharmacolog“.

Поддржете ја нашата работа: