Научниците открија мистериозен објект лоциран на периферијата на Сончевиот систем. Објектот е наречен „Niku“ и се чини дека е транс-нептунски објект, што значи дека се работи за мала планета позади Нептун. Но, тука работите стануваат малку чудни.
Иако постојат многу мали планети, односно објекти помали од планети кои не се комети, и научниците постојано пронаоѓаат нови, „Niku“ не се однесува како нив.
Така на пример „Niku“ орбитира околу Сонцето во рамнина која е навалена за 110 степени во однос на рамнината на Сончевиот систем – рамниот орбитален диск во кој планетите се движат околу Сонцето. Во моментов се наоѓа над рамнината и се искачува нагоре, но ќе почне да се спушта надолу како што ќе орбитира назад.
Покрај тоа, додека речиси сите објекти во нашиот Сончев систем орбитираат околу Сонцето во иста насока, т.н. проградна насока, а „Niku“ орбитира во ретроградна насока, или наназад.
Ова не е првиот транс-нептунски објект со ретроградна насока, но кога ќе се комбинира тоа со неговото орбитално навалување, јасно е дека има нешто многу необично кај оваа мала планета. Јасно е дека многу повеќе работи се случуваат во надворешниот дел на Сончевиот систем отколку што ние сме свесни за тоа, вели астрофизичарот Метју Холман од Харвард-Смитсонијан центарот за астрофизика, кој бил дел од меѓународниот тим на научници кои ја откриле „Niku“ со помош на „Pan-STARRS“ – систем од астрономски камери, телескопи и компјутери лоциран во Мауи, Хаваи.
„Niku“ е 160.000 пати побледа од Нептун, што сугерира дека е релативно мала, можеби помалку од 200 километри во дијаметар.
Она што навистина ги збунува научниците е тоа што би можело да ја предизвика оваа бизарна орбита на „Niku“, спротивно од текот на речиси се’ друго во Сончевиот систем, и тоа под необичен агол. Тие сметаат дека најверојатно „Niku“ се судрила со некој друг објект или пак била повлечена од некоја друга гравитациона сила. Засега, никој не знае со сигурност што точно овој објект би можел да биде. Можеби дури и да се работи за група на објекти кои се движат со необично усогласување на рамнината на Сончевиот систем.
Токму таква група на објекти во Кајперовиот појас ја предизвика хипотезата за постоењето на нова масивна планета на работ на Сончевиот систем. Научниците испитуваат дали можеби невообичаеното движење на „Niku“ е поврзано со постоењето на Планетата Девет, или пак можеби некоја џуџеста планета во близина, но се’ уште немаат никакво објаснување бидејќи „Niku“ се наоѓа премногу блиску до центарот на Сончевиот систем за тоа да биде така.
Ова откритие допрва треба да се рецензира, но е достапно на „arXiv.org“.