Откриен ликот на едно од најбизарните морски суштества

Научниците конечно имаат целосна слика на едно од најбизарните морски суштества кое живеело пред 500 милиони години. Се работи за малото животинче „Hallucigenia“ чии досегашни фосили немаа глава. Сега, новите примероци откриени во Канада за прв пат покажуваат како изгледала неговата глава.

Првите фосили од ова чудно суштество се откриени пред повеќе од 100 години. Тоа е многу мало – помало од 2 см. и потенко од едно влакно. Велиме чудно затоа што едната страна од неговото цевкасто тело е прекриена со огромни боцки, додека од другата висат слаби канџи. Всушност, научниците првично погрешно го опишале. Од неодамна откриле на која страна му се нозете, но се’ уште постоела несигурност за тоа од која страна му е главата.

Сега, со помош на новите примероци од Канада, научниците ја откриле главата во форма на лажица заедно со некои изненадувачки карактеристики. Кога ја поставиле под микроскоп, покрај очите, научниците забележале и полукружна насмевка, која како да им се потсмевала за тајните кои дотогаш ги криела, велат научниците. Ова суштество имало и два пара заби, едни во устата, едни од грлото надолу кон стомакот.

Научниците истакнуваат дека „Hallucigenia“ им помага да научат повеќе за периодот Камбриум кога животот имал најразлични форми и како од тие форми настанале суштествата со „нормален“ изглед кои ги имаме денес. Се смета дека „Hallucigenia“ се рани предци на кадифените црви.

Истражувањето е објавено во „Nature“.

Поддржете ја нашата работа: