Откриен најстариот зачуван нервен систем

Најстариот нервен систем што е виден досега е зачуван во фосилни остатоци стари 520 милиони години.

Петте фосили од периодот Камбриум се откриени во Јужна Кина и припаѓаат на група организми од кои настанале денешните членконоги, меѓу кои и инсектите, пајаците и раковите. Фосилите припаѓаат на „Chengjiangocaris kunmingensis“, суштество со должина од околу 10 см. со сегментирано тело, неколку пара нозе и глава во облик на срце. Но, можеби најинтересно од се’ е кај ова суштество е поврзаноста на нервната врвца и невроните. Заедно, фосилите го покажуваат целиот нервен систем на организмот, без главата – што претставува најстариот зачуван нервен систем што е досега откриен.

Животното имало нервна врвца по целата должина од телото, со ганглии поставени помеѓу секој пар нозе. „Тоа е скоро како мини-мозок за секој пар нозе“, вели Хавиер Ортега-Хернандез од Универзитетот Кембриџ чиј тим направил анализа и опис на фосилите.

Покрај тоа, истражувачите откриле и тенки дополнителни нерви кои се разгрануваат по целата должина на нервната врвца, што го прави овој нервен систем посложен од тој што се гледа на денешните наследници.

„Можно е овој рационализиран распоред кај модерните членконоги – кои се познати по нивните фини движења, да им овозможува подобра моторна контрола“- вели Ортега-Хернандез.

Поддржете ја нашата работа: