Научниците идентификуваа нова џуџеста планета на крајот на нашиот Сончев систем, на оддалеченост од 13,6 милијарди километри од Сонцето.
Оваа планета, која засега е наречена „2014 UZ224“, е откриена од страна на студенти предводени од физичарот Дејвид Гердес од Универзитетот во Мичиген. Се проценува дека има дијаметар од околу 530 км и дека и се потребни 1.100 години за да ја исполни својата орбита околу Сонцето, што значи дека може наскоро да се приклучи во редот на петте потврдени џуџести планети во нашиот Сончев систем: Церера, Ерис, Хаумеа, Макемаке и најпознатата од сите нив – Плутон.
Иако досега само пет џуџести планети се официјално признаени во нашиот Сончев систем, се смета дека би можело да има уште најмалку 100 во Кајперовиот појас – регион кој се наоѓа позади орбитата на Нептун и кој се смета дека е преполн со комети, астероиди и мали планетарни тела.
Ова откритие беше потврдено од страна на Меѓународната астрономска унија, но дали ќе се приклучи во редот на петте потврдени џуџести планети е сосема друго прашање, бидејќи класификацијата на џуџестите планети е релативно нова и може да биде малку субјективна.
Се чини дека оваа планета, како и „2015 RR245“ – планетата која беше откриена во јули, ги исполнуваат критериумите за да бидат класифицирани како џуџести планети, но одлуката останува на Меѓународната астрономска унија.