Паметен скалпел за детектирање на тумор

Научниците од Универзитетот во Брисел развиле „паметен скалпел“ што им овозможува на хирурзите да направат разлика помеѓу канцерозното и здравото ткиво во мозокот во секунда.

Тоа не е класичен скалпел, туку се работи за скенер во вид на пенкало, со сферичен врв помал од еден милиметар во дијаметар. Со поместување на овој уред преку површината на мозокот, докторите можат точно да одредат каде се наоѓа туморот и да го отстранат многу попрецизно.

Досега овој скалпел е тестиран само на вештачки тумори и на мозочно ткиво од свињи, но резултатите се доволно импресивни што укажува дека би можел да се адаптира и за луѓе, со оглед на тоа што алатките за опсервација и манипулација со ткивото што денеска ги користат неврохирурзите имаат одредени ограничувања.

„Иако сликите од магнетна резонанца и ултразвукот можат прецизно да го лоцираат туморот пред операцијата, за време на хируршката процедура има многу фактори кои можат да доведат до пореметување на положбата, така што отстранувањето на туморот зависи од искуството, како и од сетилото за вид и допир на хирургот“- вели изумителот на скалпелот Давид Олива Урибе од Универзитетот во Брисел.

Урибе работел на овој уред шест години и вели дека прототипот е во финалната фаза на изработка.

smart-scalpel-2Урибе вели дека резултатите од скенерот може да се добијат за помалку од пола секунда, што е од клучна важност кога се работи за животно загрозувачки состојби. Тој е дизајниран да може да се користи во раната фаза од развојот на туморот кога канцерозното ткиво може да изгледа многу слично на нормалното ткиво, а во иднина би можел да се произведува за користење и на други делови од телото.

Според Урибе, технологијата на сензорите исто така би можела да се адаптира за користење при операциите со роботска асистенција, заедно со останатите алатки.

Иако оваа иновација изгледа импресивно, ова не е првиот уред од ваков вид. Како што известува „LabRoots“, истражувачите од Кралскиот колеџ во Лондон, Велика Британија, имаат претходно развиено сличен уред наречен „iKnife“.

„Во соопштението каде се опишува „iKnife“ истражувачкиот тим известува за 100 процентен успех во дијагностицирањето на канцерското ткиво кај 91 пациенти“ – пишува „LabRoots“.

Според Урибе , за новиот паметен скалпел ќе треба значителна дополнителна доработка пред да биде подготвен за широка употреба.

Сигурно ќе помине некое време пред да ги видиме „паметните скалпели“ во операционите сали, но ова е добар знак дека нови подобри работи се на повидок.

Поддржете ја нашата работа: