Подготовки за мисиите до пеколот

Во моментов се подготвуваат двете најхрабри мисии досега – „Solar Orbiter“ и „Solar Probe Plus“ кои ќе влезат во орбитата на Меркур за да го проучуваат Сонцето. Температурата на нивната површина ќе достигне над 100 степени Целзиусови па слободно може да се каже дека тоа се мисии до пеколот. Научниците се надеваат дека ќе откријат некои од долготрајните мистерии на Сонцето.

Потребни ќе бидат штитови за да се заштитат сателитите од топлината, па за орбитерот на Европската вселенска агенција (Solar Orbiter) решението е титаниум, додека за оној на Американската вселенска агенција (Solar Probe Plus) материјал од јаглерод.

И двете мисии добро напредуваат. Американската вселенска агенција веќе ја одбра ракетата која ќе го лансира сателитот. Тоа е најголемата ракета во светот – „Delta-IV Heavy“ која во 2018 година ќе го „фрли“ овој орбитер од 610 кг. кон Сонцето.

Европската вселенска агенција изјави дека произвела структурен и термички модел на орбитерот, односно некој вид на копија која ќе биде тестирана за да се провери дали нејзиниот дизајн ќе ги издржи екстремните услови со кои ќе се соочи сателитетот за време на мисијата.

Досега имало неколку соларни мисии, но сите сателити го проучувале Сонцето на безбедна оддалеченост, односно од Земјината орбита. Сега, „Solar Orbiter“ ќе се доближи значително повеќе од Меркур, односно ќе се наоѓа на оддалеченост од 43 милиони километри од Сонцето. А „Solar Probe Plus“ ќе се доближи на неверојатни 6 милиони километри и се очекува да достигне брзина од 200 километри на секунда во орбитата.

„Solar Orbiter“ ќе распореди телескопи чии спектакуларни слики ќе откријат карактеристики на Сонцето со највисока резолуција досега, а „Solar Probe Plus“ ќе собере извонредни податоци од лице место, но во никој случај нема да „гледа“ директно во Сонцето. Температурите на предниот дел на „Solar Orbiter“ ќе достигнат до 600 степени Целзиусови, додека на „Solar Probe Plus“ до 1.300.

Со помош на овие мисии научниците може да откријат зошто надворешната атмосфера на Сонцето – неговата корона – е толку многу потопла од површината на Сонцето. Исто така, сателитите ќе овозможат досега најдобар увид на она што го предизвикува 11-годишниот активен циклус на Сонцето, ќе овозможат снимки од половите на Сонцето и за прв пат ќе може да се види што се случува кога се менува магнетното поле.

Вкупно, двете мисии би чинеле повеќе од 2,5 милијарди долари (Американската е речиси двојно поскапа од Европската). Но, подоброто разбирање на Сонцето има јасни придобивки за Земјата. Соларните бури имаат потенцијал да ги прекинат сателитите, радио комуникациите и мрежите за електрична енергија. Затоа, и двете мисии ќе се одвиваат истовремено, за да можат да се надополнуваат. Американците се согласија да го лансираат „Solar Orbiter“ во име на Европската вселенска агенција во 2018 година.

 

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt