Покемон „лудилото“ се шири низ Македонија

Пикачу, Чармандер, Балбазар и уште многу различни видови покемони од јапонската анимирана серија деновиве виртуелно може да се најдат на многу непредвидливи локации во градовите низ Македонија. Голем број млади, со вклучени мобилни телефони, почнаа да талкаат низ улиците со една цел – да уловат што повеќе и поретки покемони.

 

Станува збор за новата игра на Нинтендо, „Покемон ГО“ („Pokémon GO“), која иако беше лансирана пред една недела успеа да стане светски феномен. Играта им дозволува на играчите да ги фаќаат „џебните чудовишта“, пресликани во реалниот свет, користејќи ја камерата од нивниот мобилен телефон. Покемоните можат да се најдат буквално насекаде, зад споменик, на улица, во двор, па и во продавница, или музеј.

Играта не ја одмина ни Македонија. Радио МОФ разговараше со неколку играчи, кои веќе успеале да соберат десетици покемони. Велат дека таа е одлична за дружба и им ги враќа спомените од деството, но и дека ги поттикнала да излезат од дома и да го запознаат сопствениот град.

Покемон „уловен“ во Дојран

Токму спомените од цртаниот филм го натерале идниот студент Ангел Таневски да влезе во авантурата и да стане покемон тренер. Тој досега успеал да фати 60 различни покемони и уште неколку исти, а за концептот на играта вели дека му се допаѓа.

„Интересна е бидејќи ги тера луѓето да излегуваат од дома и да шетаат, наместо да дремат дома пред компјутер. Последниве три дена веќе активно се шетам низ град и играм, и запознав 50 луѓе само преку играта. Вчера, на пример, во Парк, 20 луѓе ја игравме играва“, вели Таневски.

Но, бидејќи играта до скоро беше беше недостапна во Европа, тој објаснува дека ја користи верзијата симната преку Гугл, која се игра на американски сервери. Компанијата вчера соопшти дека играта отсега ќе биде достапна и во европските држави, од кои прва што овозможи делумно да се симнува на мобилните уреди преку „Google play store“ беше Велика Британија.

Со помалку покемони, но се уште во трката е и студентот Петар Антевски, кој вели дека започнал да ја игра „Pokémon GO“ бидејќи му дозволува да ја спои фантазијата со реалниот свет, но и поради носталгијата што ја чувствува за серијата со која како што вели, пораснал.

„Интересно да ги гледам покемоните како шетаат во нашата реалност и се чувствувам моќно кога ќе фатам некој покемон, за којшто сум сметал дека е силен. Наоѓав покемони низ Дебар маало, бидејќи тоа е населбата каде што живеам, но шетав вчера во Центар и таму има многу покемони. Мојот омилен покемон што го фатив до сега се вика Понита, и го фатив на раскрсницата кај Железничката станица“, рече Антевски.

Покрај Антевски и Таневски, играта е подеднакво хит и меѓу девојчињата. Таков е случајот со Ана Марија Милојевиќ, која пред три дена се приклучи во борбата за ловење на покемони.

„За играта дознав откако се рашири на социјалните мрежи, плус лично сум голем обожавател на цртаниот „Покемон“, и мислев дека ова ќе биде забавен начин да се навратам на своето детство. Сепак, негативна работа е што досега ќе ме удреше кола на пешачки премин. Исто така, играта не е доволно развиена во Македонија, па водени покемони наоѓаш на „Партизанска“, објасни Милојевиќ.

Токму нејзиното непријатно искуство на пешачки премин е она што ги загрижува психолозите, според кои оваа игра лесно може да создаде зависност кај младите. Според психологот и психотерапевт Радмила Живановиќ, успехот на оваа друштвена игра се должи на тоа што им служи на играчите како медиум за запознавање, но и за адреналин.

Покемон „уловен“ во продавница во Скопје
Покемон „уловен“ во продавница во Скопје„

Вовлекувањето во играта каде јас на пример можам да бидат подобра од некој друг, создава натпреварувачки дух. Таа желба, за жал, за некои прераснува во реална потреба, за другите генерации, пак, е нешто што е вештачки креирано, наметнато“, вели Живановиќ

Таа смета дека негативните страни на ваквите игри се појавуваат кога играчот ќе се изолира од својата околина и за него станува важна само целта.

„Често пати ние не ја перцепираме опасноста во животот“, подвлечи Живановиќ, која додаде дека самата компанија треба да сноси морална обврска кон своите корисници, во случаи кога покемоните се поставени на сред пешачки премин, на врв на зграда, или пак, на автопат.

Сепак, не сите ја имаат среќата да ја инсталираат играта на својот телефон, бидејќи апликацијата не поддржува постари модели на мобилни телефони. Сања Стефановиќ, на пример, би сакала да евоцира спомени, исто како своите пријатели кои веќе талкаат низ градот, но играта не може да функционира на нејзиниот постар модел на телефон.

„Многу ме ограничува тоа, бидејќи речиси сите мои пријатели веќе имаат инсталирано и кога се шетаме низ град и кога тие фаќаат покемони, јас буквално служам за да ги пренесам преку улица и да ги однесам безбедно до наредниот покемон, бидејќи тие гледаат во телефоните, а јас малку повеќе во улицата“, вели Стефановиќ.

На знакот пишува „Немој да играш Покемон и да возиш“

И таа изрази загриженост откако низ светот веќе имаше неколку несреќни случаи поради играње на „Pokémon GO“.

„Мислам дека сè уште се учиме на ваков тип на игри, бидејќи ваква сме имале само една претходно, од истата фирма. Иако тие посочуваат дека треба да се биде внимателен, бидејќи се игра во реалниот свет, и дека треба да се почитуваат правилата на реалниот свет, сепак, не сме навикнати на ваков начин на играње и треба да помине некое време за да станеме доволно претпазливи и за да не се загрозуваме себеси“, смета Стефановиќ.

Последен е случајот на двајца мажи кои паднаа од карпа во Северна Каролина, бидејќи не внимавале додека гледале во мобилните телефони. Претходно, девојка во Вајоминг открила мртво тело во река додека барала покемони, а четири тинејџери беа уапсени поради наводно искористување на Поке-станиците за да ги ограбуваат играчите.

Но, дури и овие случаи не претставуваат закана за играта, која иако е бесплатна, направи акциите на компанијата да достигнат околу десет милијарди долари за помалку од две недели. Во моментов, милиони луѓе во САД, Кина, Јапонија и делови од Европа, се навлечени на играта. Покемон тренерите, со кои разговаравме, велат дека ќе продолжат да бараат покемони насекаде, бидејќи како што гласи нивното мото – тие „мора да ги фатат сите“. На социјалната мрежа Фејсбук веќе постои настан за масовно ловење на покемони, чија покана досега ја прифатиле 1.900 луѓе, а 1.800 рекле дека се заинтересирани.

Текстот е преземен од: radiomof.mk

Поддржете ја нашата работа: