Промени во мозокот кај гејмерите

Скенирањето на мозоците на околу 200 машки адолесценти покажало дека мозокот кај компулсивните играчи на видео игри е различно поврзан.

Хроничното играње на видео игри е поврзано со хиперконекција помеѓу неколку пара мозочни мрежи. Некои од овие промени се претпоставува дека им помагаат на овие играчи подобро да реагираат на нови информации, додека другите промени се поврзани со расеаноста и лошата контрола на импулсите. Истражувањето е направено со заедничка соработка на Универзитетот во Јута и Универзитетот Чанг-Унг во Јужна Кореја.

Лицата кои имаат вакво пореметување обично се опседнати со видео игрите до степен што дури престануваат да јадат и да спијат за да играат. Во извештајот од ова истражување се вели дека кај машките адолесценти со вакво пореметување, одредени мозочни мрежи кои се поврзани со видот и слухот имаат поголема веројатност да бидат во подобра координација со т.н. „salience“ мрежа.

Функцијата на оваа мрежа е да го фокусира вниманието на важните настани. Кај видео игрите, подобрената координација може да му помогне на играчот побрзо да реагира на претстојната борба, додека во реалниот живот му помага да реагира, на пример на топка што ќе прелета пред автомобилот или на непознат глас во просторија полна со луѓе.

105896_web

„Ваквата поврзаност помеѓу мозочните мрежи може да доведе до поголема насоченост на вниманието кон одредени цели и препознавање на нови информации во околината. Овие промени во суштина може да му помогнат на едно лице поефикасно да размислува“ – велат истражувачите. Еден од следните чекори ќе биде директно да се утврди дали момчињата со вакви промени во мозокот ќе покажат подобри резултати при решавање на тестови.

Загрижувачка е зголемената координираност помеѓу два мозочни региони – дорзолатералниот префронтален кортекс и темпоропариеталниот спој, бидејќи ваква промена се забележува кај пациенти со невропсихијатриски состојби, како што се шизофренијата, Дауновиот синдром и аутизамот. Хиперконекцијата помеѓу овие два региони се забележува исто така и кај лица што имаат лоша контрола на импулсите.

Во овој момент сѐ уште е нејасно дали ваквото различно поврзување во мозокот е предизвикано од постојаното играње на видео игрите или лицата кај кои постои ваква поврзаност се повеќе склони кон видео игрите.

Истражувањето е направено на лица од Јужна Кореја, каде видео игрите се популарни многу повеќе отколку во САД. Истражувањето било поддржано од корејската влада, со цел да се најде начин да се идентификуваат и лекуваат зависностите.

Истражувачите извршиле снимање со магнетна резонанца на мозоците на 106 момчиња на возраст помеѓу 10 и 19-годишна возраст кои побарале третман за оваа состојба. Овие снимки се споредени со снимките од 80 момчиња без ова нарушување.

Истражувачите извршиле анализа на 25 пара мозочни региони, со вкупно 300 комбинации.

Истражувањето е објавено во „Addiction Biology“.

Поддржете ја нашата работа: