Пронајдени крвни клетки во фосили од диносаурус

Ова истражување може да донесе одговор на многу прашања во врска со физиологијата на диносаурусите, вклучувајќи го и прашањето дали одредени видови се топлокрвни или ладнокрвни.

Научниците од Империјал колеџ Лондон, испитувајќи еден дел од фосил на шепа на диносаурус, откриле мали јајчести структури со поцврсто внатрешно јадро, коишто наликувале на црвени крвни клетки. Исто така, во друг дел од фосил, откриле влакнести структури поврзани едни со други, слични со оние на колагенот денеска – што се во наоѓа тетивите, лигаментите и кожата на животните.

Ова не е првпат да се пронајдат вакви остатоци во фосили од диносаурус. Меѓутоа коавторот Сузана Меидмент изјави: „Сите претходни извештаи за оригиналните компоненти на мекото ткиво во фосилите од диносаурус  биле во примероци кои се навистина извонредно сочувани“. Спротивно на ова, фосилите во ова истражување, коишто се дел од  колекцијата во Музејот за национална историја во Лондон повеќе од еден век, во голем дел се во лоша состојба.

„Тие се нецелосни, индивидуални искршени коски.  Дури не можам да ви кажам ни од кој диносаурус се“ изјави д-р Меидмент. „Доколку може да се најде меко ткиво во овој вид на фосили, можеби овој начин на зачувување бил поедноставен од што сме мислеле.“

Се чини дека структурите се вистински остатоци од мекото ткиво, тие не се фосилизирани.

Користејќи спектометар за маса, научниците извршиле хемиска анализа на колагенскиот протеин и крвните клетки. Откриле фрагменти во колагенот коишто наликуваат на амино киселини, коишто се основна градба на сите протеини.

Хемискиот профил на крвните клетки бил многу сличен на тој на крвните клетки од животното ему, кое – како и сите птици – е директен потомок на диносаурусите.


„Добро е познат односот помеѓу индивидуалните групи на ’рбетници каде што колку што се помали крвните клетки, толку е побрз метаболизмот“- тврди д-р Меидмент. „Животните со побрз метаболизам имаат тенденција да бидат топлокрвни, додека животните со побавен метаболизам би биле ладнокрвни.“

Прашањето дали диносаурусите биле топлокрвни или ладнокрвни е преокупација на палеонтолозите со векови, бидејќи со тоа може да се дознае повеќе за тоа каков живот имале диносаурусите. Дали наликувале на птиците во своето однесување, или пак биле помрзеливи како рептилите?

Меѓутоа, научниците се’ уште не ја разбираат поврзаноста помеѓу црвените крвни клетки и брзината на метаболизмот кај диносаурусите, па затоа би им бил потребен поголем примерок од различни видови на диносауруси за да можат да дојдат до значајни откритија.

Уште едно истражување на колагенските влакна може да придонесе да се разберат односите помеѓу различните видови на диносауруси. Техниката која ја нарекуваат земање отпечатоци на колагенот се базира на идејата дека структурата на една колагенска молекула е единствена за поединечни животни.

„Структурата на колагенот ќе биде послична кај најтесно поврзаните животни, отколку кај подалечните“ – тврди д-р Меидмент. „Доколку извадиме примерок од колагенот, и го најдеме истиот кај различни диносауруси, би можеле да добиеме некаква претстава за фамилијарното дрво на еден диносаурус“.

На прашањето за можноста за пронаоѓање на ДНК во остатоци од диносаурус, д-р Меидмент изјави: „Се’ уште не пронајдовме во нашите фосили…меѓутоа, тоа не значи дека не би нашле ни во иднина“.

Ова истражување е објавено во весникот „Nature Communications“.

Поддржете ја нашата работа: