Научниците за прв пат успешно направавиле секвентирање на ДНК во вселената.
Овој пионерски потфат предводен од астронаутот на НАСА, Кејт Рубинс, е изведен на Меѓународната вселенска станица.
Рубинс, која е молекуларен биолог, го направила првото успешно тестирање на пренослив апарат за секвентирање на ДНК во услови на микрогравитација – со помош на алатка што може да биде од витално значење за заштита на здравјето на астронаутите при идните мисии во вселената, па дури и за откривање на вонземен живот.
Преносливиот апарат за секвентирање – наречен „MinION“, е со големина колку една чоколада и може да врши секвентирање на ДНК само за 10 минути.
Иако вакви преносни арати се користени на терен за време на епидемиите како Ебола и Зика, досега беше непознато дали оваа технологија ќе функционира во вселената.
За среќа, успешниот експеримент на Рубинс покажа дека научниците немале причина за загриженост. Со помош на „MinION“, научниците на МВС извршиле секвентирање на ДНК од глушец, бактерија и вирус.
Друг тим од научници предводени од Универзитетот на Калифорнија, Сан Франциско, ги анализирале податоците добиени од МВС и ги споредиле со идентичните примероци што биле секвентирани во лабораторија на Земјата. Резултатите биле исти, што покажува дека микрогравитацијата не е пречка за идентификација на уникатните градивни елементи што ги сочинуваат органските животни форми.
Сега кога се знае дека условите во вселената се погодни за ДНК секвентирање, астрономите ќе можат да ги анализираат бактериите или другите организми што се среќаваат на МВС, или за време на долгорочните мисии низ Сончевиот систем.
Во најголем број случаи тоа ќе биде биолошкиот материјал кој тие го имаат донесено со себе на станицата, но идентификацијата на работи, како што се габите, може да биде од витално значење за одржување на здравјето на астронаутите.
Истата технологија понатаму би можела да им овозможи на астронаутите да идентификуваат потенцијани вонземски форми на живот или органски материјал на кој ќе наидат при истражувањето на вселената.