Ре-Бот е Македонското решение за рециклирање цврст отпад

Не мора да се биде еколог за да се создаде решение кое ќе помогне во намалување на загадувањето и зачувување на животната средина. Ова го докажаа младите инженери Тамара ДимитроваБорко Јовановски и Стојан Димитровски со нивната паметна машина за рециклирање на тврд отпад наречена Ре-Бот. Тие викендот беа прогласени за победници на натпреварот за борба против климатските промени и поттикнување на урбаната отпорност, организиран од УНДП и УСАИД.

Според Тамара Димитрова, една од иноваторите во тимот и млад истражувач по компјутерски науки во МАНУ, целта на нивниот проект е да помогне во намалување на загадувањето, со тоа што ќе се создаде навика кај луѓето да рециклираат и селектираат отпад.

„Не мора да сме еколози, сите знаеме во каква околина живееме и сме поттикнати да пробаме да понудиме решение. Решението кое ние го предложивме на предизвикот и концептот што го доразвивме за време на тој дводневен камп се состои од два дела. Едниот дел е физичка машина кај којашто луѓето ќе треба да одат и да го пуштат рециклираниот отпад. Вториот е софтверски дел, со мобилна апликација којашто при регистрирање на неа, корисникот ќе добие краток код којшто ќе треба да го внесува во машината кога ќе ја користи, по што автоматски ќе му бидат внесени поени на неговата корисничка сметка“, вели Димитрова за Радио МОФ.

Со ова, појаснува Димитрова, ќе се поттикне натпреварувачкиот дух, но за добра намера.

„Ќе има одредена сума на поени што граѓаните ќе ја добиваат, а која ќе можат да ја искористат за подигнување на одредени ваучери. На пример, ако имаме соработка со МНТ и тие кажат дека за 30 собрание поени, ако една лименка носи два, а едно шише еден поен, тие ќе им дадат попуст на карта во МНТ“, објасни Димитрова.

За својот изум, тие добија 10 000 долари, кои ќе им бидат потребни за развивање на прототип, промоција на проектот и за развивање на мобилната апликација. Тројцата млади инженери планираат да го почнат својот проект во Скопје, бидејќи според податоците до кои дошле, 25 отсто од вкупниот отпад се рециклира во главниот град.

Со еден тон рециклиран алуминиум се заштедува загадување што би го предизикале седум автомобили што ќе возат цела година, се вели во нивната презентација за проектот. Сепак, една од причините поради која го почнаа овој проект е да ги мотивираат луѓето самите да се ангажираат во решавање на проблемот со отпадот. Нивната анкета покажала дека многу мал процент од граѓаните го селектираат отпадот.

„Кај нас е многу мала свесноста за селекција и рециклирање на отпад. Делумно, за тоа се виновни луѓето затоа што немаат мотивација, но исто така, инфраструктурата не го дозволува тоа. Ако јас се решам да селектирам и сакам да фрлам пластика, или стакло, не знам кај да одам. Ниска е свесноста и нема култура самото општество, но сметам дека и улогата на градските власти е важна“, вели Димитрова.

На ова се надоврза нејзиниот колега во тимот и софтверски инженер Борко Јовановски, кој смета дека за да се направи поголем поттик меѓу младите да рециклираат потребно е да се вклучат и градските власти.

„Ова е добар чекор, но е многу мал за да се поттикнат младите. Мислам дека тоа треба повеќеда се направи од страна на локалните власти, за да ги поттикнат, особено најмладите. Подобро би било во иднина Град Скопје, или општините, секоја засебно, да организира кампањи за да се подигне оваа свест“, рече Јовановски.

Нивната идеја е преземена од Германија, каде слични машини веќе функционираат. Сепак, направени се мали измени со тоа што нивната машина ќе може да собира и алуминиум и пластика.

„Се надевам дека за најмногу до осум месеци ќе имаме прототип кој ќе работи и ќе можеме да го претставиме пред јавноста. Потоа, се надевам дека ќе ни се приклучат нови партнери, како Град Скопје и ‘Пакомак’, затоа што без нив нема да можеме да се развиваме. Нема да може да се зголеми бројот на машини, онолку колку што би требало да ги има. Се надевам дека тоа ќе биде како прв чекор кон многу поголем импакт“, вели Јовановски.

По наградата, тие ќе работат на идејата заедно со ментори, кои ќе им помогнат во развивање на машината, а во исто време бараат фирма што ќе го направи прототипот, бидејќи како што појаснуваат, вакви машини постојат, но не се имплементирани на тој принцип со кој тие сакаат да функционира.

Откако машината ќе биде готова, прв таргет ќе бидат јавните институции и маркетите, а потоа идејата би можела да се развие и по ресторани, или други слични прометни места, низ целата држава.

Е.П.

Оригиналниот текст е преземен од интернет порталот radiomof.mk

Поддржете ја нашата работа: