Археолозите користеле снимки од сателити со висока резолуција за конечно да ја решат мистеријата за познатиот регион Наска на античките луѓе од Перу.
Во центарот на мистеријата се наоѓаат серија внимателно изградени спирални дупки наречени „ puquios“, кои се ископани во пустината Наска во јужниот дел на Перу.
Овие чудни формации не можеле да се датираат со традиционалните техники за радиојаглеродно датирање, а античките луѓе од Перу не оставиле никакви докази за тоа кога биле изградени, па така научниците со години залудно се обидуваа да ја дознаат нивната цел.
Сега, Роза Ласапонара од Институтот за методологии за анализа на животната средина во Италија ни опишува како анализирала снимки направени од вселената за да ја сфати распределбата на спиралните дупки и нивната поврзаност со околни населби кои се многу полесни за датирање.
Како што известува „BBC Future“, ова овозможува увид во тоа како била создадена оваа мрежа на тунели и пештери во Наска. Се верува дека првичната цел на овие формации била да им овозможи на заедниците да преживеат во областа каде постојано имало суша, односно дека претставувале некој вид на хидрауличен систем кој се користел за добивање на вода од подземните водоносни слоеви.
Ласапонара смета дека системот сигурно бил многу поразвиен отколку што изгледа денес – за изградбата на нешто од вакви размери би било потребно сеопфатно разбирање на геологијата на регионот, како и годишните варијации на снабдувањето со вода. Таа смета дека ова бил најамбициозниот хидрауличен проект во областа на Наска и овозможувал снабдување со вода во текот на целата година, не само за земјоделство и наводнување, туку и за домашни потреби.
Таа ќе го објави своето истражување во текот на годината, под наслов Античкиот свет на Наска: Нови сознанија од науката и археологијата (Ancient Nasca World: New Insights from Science and Archaeology).