Иако птиците се создадени првенствено за летање, научниците откриле дека оние видови кои живеат на копно и трчаат по земјата, се едни од најсофистицираните трчачи помеѓу двоножните копнени животни. Овие карактеристики можно е да се развивале уште од времето на диносаурусите и некои веруваат дека сега ја надминале способноста на другите двоножни трчачи, вклучувајќи ги и луѓето.
Во истражувањето објавено во „Journal of Experimental Biology“, истражувачи од Државниот универзитет во Орегон, Кралскиот ветеринарен колеџ и други институции истакнуваат како птиците кои трчаат достигнале импресивна способност да трчаат, притоа минимизирајќи го трошењето на енергија, избегнувајќи пад или повреда и одржувајќи брзина и правец.
„Птиците се најдобрите двоножни копнени трчачи, со брзина и агилност што може да датира уште од пред 230 милиони години, од времето на нивните предци диносауруси“, вели Џонатан Хрст, професор и експерт за роботика на Државниот Универзитет во Орегон.
„Еволуцијата ги оформила птиците што трчаат во различни големини и скелетни структури. Но начинот на којшто трчаат е ист“, вели Кристијан Хибицки, коавтор на истражувањето.
Во соработка со Моника Дејли од Кралскиот ветеринарен колеџ во Лондон, истражувачите проучувале пет видови на птици и развиле компјутерски модел кој одговарал на нивното однесување.
„Би требало да можеме да го примениме ова кај роботите за да можат да трчаат со поголема брзина и агилност на нерамен терен. Овие согледувања, исто така, би можеле да ни помогнат да го разбереме однесувањето за време на одењето и трчањето кај сите заеднички предци, вклучувајќи ги и диносурусите тероподи, како што е велосирапторот“, додава Хибицки.
Истражувачите го започнале истражувањето со хипотеза дека стабилноста на телото би била приоритет, бидејќи би можела да помогне при избегнување на паѓањето и повредите на нозете. Меѓутоа, не го откриле тоа.
Всушност, птиците кои трчаат имаат друга дефиниција за стабилност- му дозволуваат на горниот дел од своето тело да отскокнува, онолку колку што треба за да не паднат. Слично како фудбалерите чии движења со нозете понекогаш се успоруваат или забрзуваат со цел да ги надминат пречките и да останат во правецот во којшто тргнале. Процесот можеби не е убав, но е функционален.
Модерните роботи пак, обично се прават со акцент на целосна стабилност, што најчесто вклучува стабилен чекор. Ова може да биде исцрпувачки и понекогаш ја ограничува нивната подвижност.
Она што роботите би можеле да го научат од птиците кои трчаат, е тоа дека е во ред да се отстапи од нормалните стабилни движења, бидејќи тоа не значи дека ќе паднат или ќе скршат нешто. Пристапите за контрола на роботите мора да имаат порелаксирана идеја за стабилност, остварувајќи динамика заснована на клучната задача- поставување на приоритети без давање предност на стабилниот чекор, заклучија научниците.
„Роботите што трчаат нема толку многу да наликуваат на роботи. Ќе бидат поживи, како биолошките системи во природата. Не се обидуваме да ги копираме животните, но сакаме да ги имаат истите способности“, вели Хрст.
Сепак, мала научна утеха за сето она низ што помина Којотот.