Русите со нов план за пристигнување на Марс за неверојатни 45 дена

Руските научници имаат прилично необичен план за патување на Марс во рекордно време, со помош на ракета на нуклеарна енергија. Русите се воедно и првите кои предлагаат решение на проблемот за тоа како астронаутите да се вратат дома, откако ќе стигнат на Црвената Планета.

Постоечките планови и шеми, вклучувајќи ги и оние на НАСА за Марс 2030, не ги земаат предвид средствата и горивото кои се потребни за враќање назад, што значи дека првите луѓе кои ќе стапнат на Марс ќе мора да останат таму до крајот на својот живот.

Покрај тоа, според тие планови, времето потребно за да се стигне до Марс изнесува околу 18 месеци, што значи дека астронаутите се изложени на многубројни ризици уште пред да стигнат на Марс.

Руската национална нуклеарна корпорација, Росатом, ја предложила неверојатната идеја за вселенско летало напојувано од нуклеарна енергија, кој ќе стигне до Марс за неверојатни 45 дена и ќе има доволно гориво за да се врати назад.

Оваа идеја всушност не претставува нов концепт. Русија и САД работеле на слични системи за време на Студената војна во 1960-тите години, иако нивните напори тогаш биле фокусирани на лесни орбитални сателити, а не на вселенски возила кои ќе не однесат до Марс и назад.

Најголемиот предизвик се разбира ќе биде цената за изградбата на вакво вселенско летало. Претставниците на Росатом не откриле детали за технологијата, но најверојатно ќе претставува некоја форма на термална фисија, каде што топлината на атомите што се делат се користи за да се согорува водород или некоја друга хемикалија, што овозможува придвижување на леталото.

„Едно вселенско летало со нуклеарен мотор се очекува да има 30 пати повеќе резервна енергија од конвенционалните летала“, изјавуваат од Росатом. „Дизајнот кој го развиваме ќе му овозможи на човештвото да изгради вселенски летала кои ќе можат да одговорат на сите предизвици на вселената на 21-виот век, вклучувајќи го транспортот, отстранувањето на отпадот во вселената, избегнувањето на ударите од астероиди итн.“

Според компанијата, прототипот ќе биде готов за тестирање во 2018 година, доколку успеат да ги соберат потребните финансиски средства. Буџетот на Росатом за изградбата на ова летало изнесува 15 милијарди рубљи (околу 700 милиони американски долари), што изгледа како многу малку во споредба со системот на НАСА кој чини речиси 10 милијарди долари.

Ќе треба да почекаме и да видиме што наумиле и што ќе направат руските научници во следните неколку години.

Поддржете ја нашата работа: