Се’ што треба да знаете за генетското модифицирање на човечки ембриони во Велика Британија

Агенцијата за хумана фертилизација и ембриологија (HFEA) од Велика Британија, донесе историска одлука со која им дозволува на научниците во Лондон генетски да уредуваат човечки ембриони.

Благодарение на дозволата, научниците од Институтот Френсис Крик, ќе го користат системот „CRISPR/Cas9“ (кој функционира како алатка за „copy-paste“ на ДНК) за да ги модифицираат гените на ембриони во развој, со цел да ја зголемат успешноста на вештачкото оплодување, како и да ги намалат стапките на спонтани абортуси.

Ова е прв пат едно национално регулаторно тело да дозволи ваква постапка, што е од големо значење за науката, но истовремено предизвикува и загриженост поради можноста за дизајнирање бебиња.

Па, што всушност ова значи за општеството? Ги издвојуваме фактите:

1.Генетското уредување на луѓето не стана одеднаш легално во Велика Британија

Дозволата за уредување на гените важи само за еден тим на научници, предводен од молекуларниот биолог Кети Наикан, со единствена цел подобро да се разбере развојот на човечките ембриони. Никој друг во Велика Британија, ни во некое друго место во светот, нема дозвола за истото (иако некои земји имаат послаба регулација – погледнете ја точка 8).

2.Ембрионите кои ќе се користат во експериментите ќе бидат донирани

Научниците ќе работат со ембриони донирани од жени кои претходно биле подложени на вештачко оплодување и имаат вишок.

3.Ништо нема да се случи без етичко одобрување

„HFEA“ изјави дека во дозволата стои услов дека не смее да започне ниедно истражување се’ додека тоа не го добие соодветното етичко одобрување. Тоа значи дека научниците треба да поминат одреден процес на етичко одобрување, пред да ги започнат експериментите на ембрионите. Тоа што добиле дозвола не значи дека автоматски може да прават што сакаат.

4.Ембрионите нема целосно да се развијат

Научниците само сакаат да го испитаат влијанието на различни гени во текот на првите 7 дена од ембрионалниот развој, кога ембрионот преминува од поседување на само една до 250 клетки. Во дозволата се истакнува дека ембрионите треба да се уништат во рок од 14 дена и не смеат да бидат имплантирани во жена.

5.Ова истражување конечно би можело да открие како се развива здрав човечки ембрион

Ова е нешто што се’ уште е недоволно познато во светот на молекуларната биологија и би можело да помогне да се подобри вештачкото оплодување, да се спречат абортусите и неплодноста, кои се многу честа појава во денешницата. Како што известува „BBC“ – од секои 100 оплодени јајце клетки, помалку од 50 ја достигнуваат фазата на бластоцисти, 25 се имплантираат во матката, а само 13 се развиваат.

6.Според експертите, оваа одлука е триумф на здравиот разум

Иако се’ уште постои загриженост, експертите сметаат дека ова е јасен пример за тоа како Велика Британија го води светот во науката на развојот на човекот, но и во општестевените науки кои го регулираат и надгледуваат истиот.

7.Според критичарите, ова е првиот чекор кон дизајнирање на бебиња

Дефинитивно постојат многу етички прашања кои чекаат одговор, особено со оглед на тоа што на крајот на минатата година, група научници, филозофи и адвокати од УНЕСКО повикаа на прекин на генетското уредување се додека подобро не се разбере какво влијание би имало на наследноста. Но, со оглед на тоа што оваа дозвола е крајно ограничена и бара уништување на ембрионите во рок од 14 дена, се’ уште сме многу далеку од сценаријата на дизајнирани бебиња.

8.Ова нема да биде првото генетско модифицирање на ембриони

Минатата година, група кинески научници признаа дека ги менувале гените на 28 ембриони во обид да спречат смртоносно заболување на крвта. Но, наидоа на сериозни предизвици и изјавија дека технологијата треба се’ уште многу да се развива пред да може да се користи за лекување на болести кај луѓето.

9.Без оглед на се’, техниката „CRISPR/Cas 9“ е од огромно значење

„CRISPR/Cas 9“ се смета за најголемото био-технолошко откритие на векот. Системот функционира со помош на ензимот „Cas9“ кој се користи за да се сече човечката ДНК, што значи дека научниците ќе можат да ги отстранат оштетените гени или да внесат нови. Иако не е совршена, сепак е неверојатно лесна и прилагодлива и има потенцијал за лекување на болести како што се мускулна дистрофија, слепило итн. Доколку се покаже успешна кај луѓето, оваа техника ќе смени буквално се’!

Поддржете ја нашата работа: