Сеопфатен пристап во лекувањето на малигните болести

СПОДЕЛИ
Др. Митов - СЕОПФАТЕН ПРИСТАП во ЛЕКУВАЊЕТО на МАЛИГНИТЕ БОЛЕСТИ
Др. Митов - СЕОПФАТЕН ПРИСТАП во ЛЕКУВАЊЕТО на МАЛИГНИТЕ БОЛЕСТИ

Пред лично да се соочи со малигна болест, речиси секој лекар добронамерно ќе Ве советува: „Следете ја исклучиво официјалната медицина!”. Но, за среќа или за жал, самото лично соочување со малигна болест, на секој човек (па и на лекарите) знае да им ги прошири видиците. Одненадеш, не сме толку скептични…

Лекар или не, да се чуе оваа дијагноза значи автоматски да се отворат илјада дилеми, сомнежи и прашања… Еве само еден мал дел од нив: дали да се следи само официјалната терапија или не, дали хемотерапијата помага или одмага, дали вреди човек да се лекува или не, па оваа трева, па онаа трева, чаеви, суплементи, контрадикторни совети, сода бикарбона, гасена вар…?! Човек и да бил сигурен како треба и што треба, многу лесно ќе се збуни.

Тоа ме натера да истражувам и да го барам одговорот на прашањето: според достапната научна литература, како треба да се лекуваат малигните болести? Што треба да направи еден човек или фамилија, за да бидат сигурни дека направиле се’ што можело и требало? Одговорот до кој дојдов е плод на таа систематизација, и истиот се базира на научни студии, но не само на истражувања спонзорирани од фармацевтските компании, туку и на големи епидемиолошки научни студии.

Според мене, со цел најдобар можен исход, терапијата на малигните болести за да биде сеопфатна – треба да има 5 елементи:

  1. Оптимизам
  2. Официјална медицинска терапија (според медицина базирана на докази)
  3. Соодветна исхрана и суплементи
  4. Соодветна физичка активност
  5. Менаџирање на стресот

Ќе ги објаснам сите накратко:

1. ОПТИМИЗАМ: Од неколку причини е важно човек да го задржи оптимизмот и позитивната мисла.
Прво, основната и најважната причина за оптимизам – човек ако не е оптимист, мала е веројатноста воопшто да прифати да се лекува. Ако човек мисли дека се’ е џабе – нема да ги прави потребните медицински процедури кои можат да му го спасат животот.
Второ, оптимизмот секако ќе му го подобри квалитетот на животот.
Трето, оптмизмот и борбата со негативните мисли ја намалуваат веројатноста пациентот да стане депресивен, а самата депресија носи ризик за многу дополнителни состојби.
Четврто, постои наука која е во зародиш: психо-неуро-имунологија, која го проучува влијанието на квалитетот на мислите врз имуниот систем, а токму тој му треба да човек кој се бори со малигна болест. Заради сите овие причини, важно е да се зачува позитивната мисла.

2. ОФИЦИЈАЛНА МЕДИЦИНСКА ТЕРАПИЈА: тука нема да аргументирам бидејќи ценам дека е доволно јасно. Пациентот би требало да ги прифати сите терапевтски процедури кои ќе му ги препорачаат лекарите.

3. СООДВЕТНА ИСХРАНА И СУПЛЕМЕНТИ: Од експерименти со клетки во стаклени садови, па се’ до огромни епидемиолошки научни студии – станува јасно: исхраната има свое влијание, иако во моментот тоа до крај не ни е целосно разјаснето.
Постојат неколку различни диети кои се советуваат за пациенти со малигни болести. Дополнително, некои природни супстанции дадени во форма на суплементи (на пример куркуминот) најдено е дека може да дадат и посилен одговор отколку терапиите од официјалната медицина, во одредени случаи.
Но, тука мора да се внимава и да се знае дека не треба да се земаат суплементи без подлабоко познавање на нивните ефекти. Пример, коренот од глуварче е најдено дека помага во терапијата на меланом, но има и стимулативен хормонски ефект што значи дека никако не би требало да се даде кај рак на дојка сензитивен на хормони.

4. ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ: Одредени клиники во светот почнуваат да ја прифаќаат редовната физичка активност како составен дел на терапијата кај малигните болести. Само еден податок ќе споделам: според големи научни студии за ракот на дебело црево, редовното вежбање може да ја намали веројатноста за болеста да се врати и за речиси 30%! За мене тоа е фантастична бројка која не смее да се игнорира.

5. СПРАВУВАЊЕ СО СТРЕС: Без разлика дали зборуваме за квалитетот на живот или за подобрување на исходот од терапија, намалување на стресот кај пациентите може само да помогне, не може да одмогне. Затоа има техники во кои вреди да се инвестира време и за краток период пациентот ќе почне да ги чувствува ефектите.

Би сакал повторно да нагласам, иако станува збор за пристап кој јас сум го создал, единствено „мое” е начинот на организирање и систематизацијата. Всушност, сето ова веќе е докажано на еден или друг начин од различни истражувачки центри и клиники, јас само ја правам компилацијата од терапии/интервенции за кои е веројатно дека имаат барем некаков позитивен ефект во лекувањето на малигните болести. А единствената цел ми е да им помогнам на пациентите/фамилиите во одговорот на прашањето: дали правиме се’ што може да помогне?

P.S. За да не го оптеретувам текстот и за да биде поразбирлив за јавноста – не ги цитирав научните студии. Секако, би ги споделил со секого кого го интересира.

Дискусија

Коментари

СПОДЕЛИ
Магистер по здравствена екологија и влијанија на животната средина врз здравјето