Сепак било можно: Уругвај произведува речиси 95% од својата електрична енергија од обновливи извори

Додека целото внимание оваа недела е насочено кон Париз, каде што се одржува Конференцијата за климатски промени и светските лидери разговараат за преминот од фосилни горива на обновливи извори на енергија, една мала земја од другата страна на Атлантикот прави оваа транзиција да изгледа неверојатно лесна и прифатлива.

За помалку од 10 години, Уругвај ја намали емисијата на јаглерод без државни субвенции или зголемени трошоци на потрошувачите, вели Рамон Мендез, одговорен за климатските политики во земјата. Тој вели дека Уругвај добива 94,5% од електричната енергија од обновливи извори и дека цените се пониски отколку во минатото. Исто така, има и помалку прекини на електричната енергија.

И покрај малата популација од само 3,4 милиони, Уругвај заработи извонредна глобална слава во текот на последниве години. Донесе закон за легализација на марихуаната, воведе строга контрола на тутунот и воведе некои од најлибералните политики во Латинска Америка за абортусот и истополовите бракови. Сега, дополнително ја зголемува славата поради својот напредок во ова поле и е признаен како еден од „лидерите на зелена енергија“ од страна на Светскиот фонд за природата.

„Порано бевме зависни од увозот на енергија од Аргентина. Сега, ние им извезуваме на нив. Во текот на последниве три години, не сме увезеле ниту еден киловат час енергија“, вели Мендес.

Со цел да ја бетонира оваа репутација, Мендез на конференцијата во Париз го истакна можеби најамбициозното ветување досега – намалување на емисиите на јаглероден диоксид за 88% до 2017 година, во споредба со просекот од 2009 до 2013 година.

Според него, успехот на Уругвај може да се објасни со неколку фактори – јасно донесување на одлуки, добра соработка меѓу државата и приватниот сектор, политички консензус кај сите партии во земјата и добри политики за привлекување странски инвеститори во обновливите енергетски извори.

„Научивме дека обновливата енергија е само финансиски бизнис. Изградбата и одржувањето не се скапи. Се додека им давате на инвеститорите безбедна средина, овој бизнис е многу атрактивен“.

Поддржете ја нашата работа: