Шприц кој сопира крварење од отворени рани за помалку од минута

Стартап компанијата „RevMedx“ од Орегон, САД,  дизајнирала уред во форма на шприц наречен „XSTAT 30“, со кој се вбризгуваат сунѓерчиња во раните, со што за помалку од минута доаѓа до престанок на крварењето.

Уредот е одобрен од Американската администрација за храна и лекови за цивилна употреба, според соопштението за печат од 7-ми декември.

Кога медицинските екипи се соочуваат со жртви кои имаат рани од куршум, главна цел е да се спречи пациентот да искрвари пред да добие соодветен хируршки третман. За таа цел се поставуваат пакувања од газа кои се притискаат на самата рана.

Според Институтот за хируршки истражувања на армијата на САД, 30 до 40 проценти од цивилите со трауматски повреди умираат поради искрварување, а во 33 до 58 проценти од случаите тоа се случува пред да стигнат до болница. Затоа брзата и ефикасна контрола на обилните крварења е од клучна важност да се спречи шокот и да се спаси животот на пацентот.     

Малите сунѓерчиња на компанијата „RevMedx“ се направени од дрвено јадро обложено со хитозан – антимикробна супстанција што предизвикува згрутчување на крвта, а се добива од оклопот од ракчиња. Кога сунѓерчињата ќе дојдат во контакт со крвта, тие се шират и до 15 пати повеќе од својата големина. Со проширувањето тие создаваат внатрешен  притисок на ѕидовите од раната и создаваат бариера што го блокира истекувањето  на крвта.

XStat-30-Syringe-RevMedx-4

Од компанијата истакнуваат дека бројот на сунѓерчиња што се потребни за ефикасно запирање на крварењето варира во зависност од големината на раната, а еден апликатор може да апсорбира околу половина литар крв. Кај еден пациент можат да се употребат до три апликатори.

Според Американската администрација за храна и лекови, која во 2014 година го одобри овој уред за користење на воените боишта, сунѓерчињата може да се користат до четири часа, со што се добива во време пред пациентот да може биде хируршки третиран. Уредот наоѓа најдобра примена на места каде компресивниот завој не може да се примени, како што се препоните и пазувите.

Сепак, сунѓерчињата се наменети само за рани со фиксна големина на раната и не може да се користат кај поголеми рани на градите, стомакот, карлицата или на деловите над клучната коска. Сунѓерчињата исто така не се биоразградливи, што значи дека после третмант мора да се отстранат. Секое сунѓерче е обележено со „Х“, за да може да се забележи на рендген во случај да биде да биде оставено во телото после операцијата.

Поддржете ја нашата работа: