Отфрлањето е најчестата емоционална рана во нашиот секојдневен живот. Денес, благодарение на електронската комуникација, поврзани сме со илјадници луѓе кои може да ги игнорираат нашите пораки, текстови, слики и слично, што може да предизвика да се почувствуваме отфрлени.
Покрај овие мали отфрлања, изложени сме и на многу посериозни и пострашни, како на пример кога ќе не остави сопругот/сопругата, ќе не отпуштат од работното место, ќе не игнорираат пријателите или ќе не избегнуваат роднините поради нашиот начин на живот. Без разлика дали ќе искусиме големо или мало отфрлање, тоа секогаш е болно, најчесно повеќе отколку што очекуваме. Психологот Гај Винч ни објаснува зошто е тоа така и што можеме да направиме во врска со тоа.
Научниците со помош на магнетна резонанца го снимале мозокот на пациентите кои ги замолиле да се сетат на некое неодамнешно отфрлање. Забележале дека кога доживуваме некаков вид на отфрлање, во мозокот се активираат истите области како и кога чувствуваме физичка болка. Токму затоа дури и најмалите отфрлања се толку болни – тие навистина предизвикуваат (емоционална) болка.
Покрај емоционалната болка, отфрлањето влијае и на нашето расположение и самодоверба. За жал, најголемата штета од отфрлањето си ја предизвикуваме самите. Токму кога болката е најголема и самодовербата е најмала, ние стануваме самокритични и се повредуваме уште повеќе. Секој од нас го искусил тоа некогаш во животот.
Постојат различни начини за да се справиме со емоционалната болка и да си ја обновиме самодовербата. Како прво, не треба толку лично да го сфаќаме отфрлањето. Нема потреба да се обвинуваме за нашите постапки. Едноставно треба да се преиспитаме што сме направиле погрешно и тоа да ни послужи за во иднина да не се повторуваме. Ние како луѓе имаме потреба да се чувствуваме сакано и ценето од другите, а отфрлањето ја дестабилизира нашата потреба да припаѓаме некаде.
Погледнете го видеото каде што психологот ни објаснува како да се справиме со најчестите психолошки рани со кои се среќаваме во секојдневниот живот – неуспех, отфрлање, чувство на вина, осаменост, постојано навраќање и размислување на проблемите, траума и губење на сакана личност и мала самодоверба.