Што е тоа дистописка фикција?

Дистопијата (фрчки: δυσ-, “тешко или лошо” и τόπος, “место, пејсаж”) е слика на општество кое од некои причини се смета за непожелно. Тоа може да биде слика од општество во кое владеат мизерни услови за живот кои се карактеризираат со државна репресија, постојана војна, насилство, страдање и слично. Чести се демонстрациите, социјално раслојување, репресивен режим во кој секој сегмент од секојдневниот живот е под строга контрола.

Ваквите тоталитарни дистопии се доста чести, но не и единствени, бидејќи дистопијата може да се однесува и на прикажување на некои други облици на власти кои делуваат под маската на утопијата, иако имаат фатални недостатоци кои сакаат да ги сокријат по секоја цена. Најчесто терминот дистопија се однесува на измислено општество сместено во блиска иднина, но тоа не е правило. Дистопијата секогаш се занимава со сегашноста без разлика каде е сместена. Ги прикажува современите проблеми кои се сместени во некој иден или алтернативен универзум каде добива на интензитет.

Целта на дистописката фантастика е да предупреди на опасност додека сеуште има време за назад, но служи и како сатира на современото општество. Приказот на дистопијата варира од автор до автор. Од оваа причина, многу е тешко да се изнесе некоја општа нејзина дефиниција. За најпрецизна се смета онаа која ја извел Lyman Tower Sargent, кој тврди дека дистопијата е:

Непостоечкото општество опишано во детали и обично сместено во време и место за кое авторот претпоставил како современиот читател ќе го смета значително полошо од општеството во кое живее. (Tower Sargent, 1994; 9)

• Непостоечкото – во овој случај означува нешто што сеуште не се случило, но дистописката фикција за тоа шпекулира како за можност. Зависно од нашите верувања, ние низ историјата можеме да ги препознаеме општествата од кошмарите, како што било подрачјето окупирано од нацистичка Германија, Советскиот Сојуз на Сталин, САД во времето на сенаторот МекКарти и ловот на “црвените вештерки” и слично. Овој дел од дефиницијата ја попречува можноста, фикцијата да се смета дистописка. Без ова, на пример, секој филм би можел да се смета дистописки.

• Општеството – За нешто да биде дистопија, задолжително мора да го прикажува општеството, а не некоја помала заедница. На пример, романот на Wiliam Golding, Lord of the Flies (1954.) и неговите филмски адаптации за британските деца кои завршуваат на пуст остров и се обидуваат да се организираат, но со катастрофални последици, секако не се приказ за пожелно општество, но не се ни дистопија, бидејќисе работи за група од британски ученици. Типичното дистописко дело е сместено во изолиран град со опфатено глобално население.

• Опишани во детали – приказната на едно општество на кое му станало лошо може да биде само позадинска приказна од некоја главна приказна. Доколку не се прикажани доволно дистописки елементи, делото не може да се смета за дистописко. Филмот Avatar (2009.) сосема сигурно содржи неколку елементи кои укажуваат на дистопија како планетата Земја, каде до 2148 година, сите природни ресурси пресушиле, каде беснее самоволие на корпорации кои имаат сопствена војска, но дејството не се одвива на таква Земја, туку се занимава со обиди за колонизација на планетата Пандора иконфликтот на луѓето со домородните народи.

• Време и место, многу полоши од она во кое живее современиот читател – иако е со критичен однос кон современото општество, дистопијата речиси секогаш шпекулира за тоа како ќе изгледа општеството доколку не се смени веднаш. Таа ги зголемува денешните проблеми на застрашувачко ниво, со цел да ја натера својата публика на преиспитување на вредностите кои се прифатени како нормални.

Дистопијата како жанр

Дистопијата е нов, прилично неистражен жанр. Тој факт никако не покажува дека неговите претставници на сцената се појавени неодамна, напротив, литературните дела кои денес ги познаваме како дистописки, всушност постојат поприлично долго време. За прво дистописко дело денес се смета романот на Jules Verne, The Begum’s Fortune од 1879 година.

Интересен е фактот дека сличноста во карактеристиките се продолжуваат и децении подоцна, па во Matrix (1999.) или V for Vendetta (2006.) пронаоѓаме очигледни влијанија од 1984та година. За дистопијата како жанр, може да говориме дека се создала публика која забележала сличности помеѓу поединечни дела, а жанрот настанал спонтано поради полесната ориентација.

Шпекулативната фантастика е жанр кој претпоставува општества различни по многу поважни компоненти од реалниот свет, а ги обединува фантазијата, хоророт, натприродното, суперхеројската фикција, алтернативната историја, и во крајна линија утопијата. Употребата на терминот шпекулативна фикција е популаризирана од 1960 и раните седумдесетти години од страна на популарни писатели и издавачи кои не биле задоволни од начинот на кој луѓето гледаат на научната фантастика.

Најпознат пример е романот Fatherland (1992.) од Robert Harris, кој ја прикажува 1964 година – шпекулира за тоа како би изгледало нацистичка Германија да победела во Втората светска војна.

Нешто е покомплексна врската помеѓу дистописката и пост-апокалиптичката фикција бидејќи двата жанрови често погрешно се опишуваат како еден жанр. Тие можат да се спојат, но се доста различни. Додека дистопијата прикажува цврста социјална структура, пост-апокалиптичката прикажува недостаток на истата.

Мешањето на дистописката фикција со други поджанрови на шпекулативна фикција ја опишува границата каде не се знае каде завршува дистопијата, а каде почнува некој друг жанр. Меѓутоа, мешањето со дистопија не е резервирано само за поджанрови на шпекулативната фикција, туку може да се случи и кај традиционалните како што е трилерот, комедија и драма. Дистопијата е жанр кој е погоден за жанровско мешање или како што вели Jane Donawerth:

“Границите на утопија и дистопија како жанр не се построги од пропусниот опсег; Овие форми апсорбираат карактеристики од други жанрови, како комедија и трагедија. Дистопијата е како жанр за идеално место за генерирачки мешовини. Конзервативните форми се трансормираат при комбинирање на дистопија. Тоа е спој кој присилува на преиспитување на традиционално конзервативните форми кои постепено го менуваат дистопискиот жанр чиј песимизам станува милитантен.” (Donawerth, 2003; 29)

Дистопијата првенствено е жанр на амбиентот (анг. setting), што значи дека го утврдува местото и времето на приказната. Другите детерминати на жанрови како расположението и форматот, овде одат во втор план, бидејќи дистопијата на пример, може да биде сериозна, но поради својата сатира може исто така да биде комична, но без типичниот дистописки амбиент е тешко замислива.

Поддржете ја нашата работа: