Што е тоа квантна механика? (ДЕЛ-1/4)

Тешко е да се каже што е потешко – да се разбере овој термин или да се пронајде адекватно објаснување. Станува збор за нешто што е со нас повеќе од 100 години. Нешто што донекаде е спознаено, но и завиено во темен превез на комплексна мистерија.

Повеќе пати е пробано од страна на врвни физичари, но и од лаици да се објасни терминот, но за просечниот човек тие објаснувања едноставно не се доволни.

Зарем навистина е толку тешко да се објасни квантната механика? Да, тоа е мошне тешко, но како и да е, за тоа прашање би требало да се вложи повеќе труд, бидејќи квантната механика е најважната гранка на модерната физика и недозволиво е и понатаму да не биде разбрана и недоречена.

За да се разбере квантната механика, најпрвин треба за неа да добиеме јасна претстава

Имајќи предвид дека се работи за нешто што сѐ уште е збунувачко дури и за самите физичари, ќе се обидеме оваа гранка од физиката да ја сведеме на наједноставни зборови, прочистена од сложени научни и стручни термини.

Како што ќе видиме уште на самиот почеток, кај квантната механика впрочем треба, барем во почетокот, повеќе да се размислува филозофски отколку физички. Пред да навлеземе во суштината мораме, на некој начин, сопствениот мозок да го подготвиме за нешто што може да звучи нереално, апсурдно, па можеби и по малку застрашувачки.

 

„Размислувањето на квантната механика денес може во нас да го создаде оној впечаток што го имаме ако се впуштиме да  размислуваме за бесконечноста на вселената“.

Единственото што притоа не смееме да го направиме е говорејќи за квантната механика да дојдеме до ниво кога обидот за појаснување ќе го отфрлиме како нешто претешко да се разбере и со кое треба само научниците да се занимаваат. Би било штета, оти спознанието за квантната механика ни го дава можеби најдиректното чувство за грандиозноста на просторот во кој живееме, не само на оваа планета, туку и за целиот универзум.

Размислувањето на квантната механика денес може во нас да го создаде оној впечаток што го имаме ако се впуштиме да  размислуваме за бесконечноста на вселената. Дали таа е воопшто бесконечна? Или се повторува како еден образец? Ако се создала по „Големото – Бум“, што било пред него? Сето тоа се интересни прашања кои нѐ интригираат и набрзо нѐ доведуваат до чувство дека никогаш нема да може сѐ да разбереме.

И нема, секако, но тоа не значи дека не можеме да се обидеме или да дозволиме нашите размислувања да бидат ограничени само на секојдневието.

 

Мистериозна како вселена во спротивен правец…

Во ред, вселената тука ја наведуваме со причина, да добиеме чувство на нешто далечно, далеку поголемо. Квантната физика е тука да го долови токму тоа чувство, но – во спротивен правец. Да, токму така, квантната физика нѐ води во светот на еден мал, чуден свет, кој, како што ќе видиме, има некои свои посебни закони, коишто не се однесуваат на „нашиот“ свет на крупни и опипливи нешта.

Уште од најрани времиња постои идејата дека сѐ околу нас, вклучувајќи нѐ и нас самите, е составено од мали делчиња меѓусебно поврзани. Зборот „атом“ се споменува уште во стара Грција, но и до таа идеја дошле филозофите за кои тоа, очигледно, имало смисла иако не можеле научно да го докажат.

Било потребно да поминат векови и милениуми пред да ја добиеме првата конкретна потврда за таа теорија. Дури во 19 век, со откривањето на нови инструменти и микроскопи, конечно го здогледавме атомот. После тоа работите се забрзуваат и наскоро откриваме дека атомите имаат свои јадра, а во нив протони и неутрони, како и електронска обвивка во која се наоѓаат електроните.

Добро, ова се податоци што ни се познати од училишните денови, каква врска има тоа со квантната механика?

Класична механика и квантна механика: закони на логиката и закони на „магиката“

Мораме да одиме по некој ред оти во спротивно брзо ќе заталкаме. Да го кажеме сега ова – во физиката постојат два вида механика, класична и квантна. Класичниот дел добро го разбираме, сѐ што гледаме околу себе е управувано од законите на класичната механика. Нашето движење низ просторот, интеракцијата со другите објекти… Класичната механика е, едноставно речено, збир од закони кои важат за сѐ што нѐ опкружува, од тастатурата на која пишуваме, до вселенските тела што ги гледаме преку телескоп.

„Новите сознанија може и тоа како да нѐ шокираат, особено физичарите“

 

Но, вистинската убавина на науката, наспроти, да речеме, религиските догми, се крие токму во ситните детали кои ги превидуваме или во даден момент не сме можеле да ги видиме.

Продолжува…

Поддржете ја нашата работа: