Што има на површината на црните дупки?

Тој смета дека идејата дека црните дупки имаат „огнен ѕид“ (firewall), кој уништува сѐ што ќе допре, има свои недостатоци. Матур математички докажува дека црните дупки не мора нужно да бидат уништувачи. Всушност, тој вели дека целиот свет би можел да биде заробен од црна дупка, а ние воопшто да не го забележиме тоа.

Пред повеќе од една деценија, Матур ја искористил „стринг“ теоријата (теорија на струните), за да покаже дека црните дупки се всушност „нејасни топки од космички струни“. Неговата теорија на „нејасни топки“ помогнала да се решат некои контрадикторности за тоа како физиката гледа на црните дупки. Но, кога една група од истражувачи неодамна се обиделе да  ја надградат теоријата на Матур, утврдиле дека површината на нејасните топки всушност е „огнен ѕид“. Според теоријата за огнениот ѕид, површината на овие топки е смртоносна. Всушност и името на оваа теорија сугерира дека буквално сѐ што ќе  допрат го согоруваат.

Матур и неговиот тим, исто така ја прошириле нивната теорија и дошле до сосема спротивен заклучок. Тие не ги гледаат црните дупки како убијци, туку повеќе како некој вид  бенигни машини за копирање.

Тие веруваат дека кога материјалот ќе ја допре површината на црната дупка, станува холограм – речиси совршена копија на самиот себе, која продолжува да егзистира како и претходно.

Поимот „речиси совршена“ е главната точка на несогласување. Постои теорија во физиката што се нарекува принцип на комплементарност, која за првпат била предложена од физичарот Леонард Сускинд од  Универзитетот Стенфорд во 1993 година. Според овој принцип, секој холограм, создаден од црната дупка, би претставувал совршена копија на оригиналот.

Математички, физичарите и од двете страни на оваа дебата дошле до заклучок дека строга комплементарност не е возможна, значи, може да се рече дека совршен холограм не може да се формира на површината на црната дупка.

Матур и неговите колеги развиле модифициран модел на коплементарноста, според кој се претпоставува постоење на несовршени холограми.

Приврзаниците на теоријата на огнениот ѕид велат дека без совршеност може да постои само „огнена смрт“. Во својот последен труд, Матур и неговите колеги, математички докажале дека модифицирана комплементарност е возможна. Матур додава дека не се работи за тоа дека приврзаниците на теоријата за огнениот ѕид направиле некаква математичка  грешка. Двете страни ги базираат своите пресметки на различни претпоставки, па затоа и добиле различни одговори. Едната група ја отфрла идејата за несовршеност во конкретниов случај, а другата група, не.

Несовршеноста е честа тема во космологијата. Физичарот Стивен Хокинг има изјавено дека универзумот е несовршен од првиот момент на неговото постоење. Без несовршената расфрланост на материјата создадена во Биг Бенг, гравитацијата не би била во состојба да ги привлече атомите од кои ги сочинуваат галаксиите, планетите, ѕвездите – и нас.

Новиот спор околу огнениот ѕид и нејасните топки се врти околу тоа дали научниците можат да прифатат дека црните дупки се несовршени, како и останатиот дел од универзумот.

„Не постои такво нешто како совршена црна дупка, бидејќи секоја црна дупка е различна“, објаснува Матур.

Неговиот коментар се однесува на решавање на „информацискиот парадокс“, кој е предмет на долгорочна расправа помеѓу физичарите, во која Хокинг на крајот признава дека материјата што ќе падне во црната дупка не се уништува, туку станува дел од црната дупка.

Црната дупка постојано се менува со новите додатоци. Тоа значи дека секоја црна дупка е уникатен производ на материјата со која се среќава.

Решавањето на информацискиот парадок делумно се должи на развојот на теоријата на Матур и неговите соработници за „нејасните топки“ од 2003 година. Овој модел бил радикален во тоа време, бидејќи претпоставува дека црните дупки имаат дефинирана – иако „нејасна“ површина. Тоа значи дека материјата всушност не паѓа во црните дупки, туку врз нив.

Ова прашање има длабоки импликации. Една од постулатите на  „стринг“ теоријата е дека нашето тродимензионално постоење – или четиридимензионално, ако се смета времето, може всушност да претставува холограм на површина што постои во многу други димензии.

„Ако површината на црната дупка е огнен ѕид, тогаш идејата за универзумот како холограм мора да е погрешна“, вели Матур. „Се работи за навистина едноставно прашање  – дали ја прифаќате идејата за несовршеност или не“, додава тој.

Поддржете ја нашата работа: