Соларни ќелии лесни колку меур од сапуница

Научниците од МИТ направиле неверојатно тенки и флексибилни фотоволтаични ќелии кои се толку лесни што можат да се стават на меур од сапуница, без да го пукнат. Ваквите тенки и лесни ќелии ќе може да бидат поставени речиси секаде – од паметната облека, па до балоните со хелиум.

Клучниот елемент во создавањето на новата ќелија е начинот на кој истражувачите ја комбинирале изработката на самата ќелија, потпорниот супстрат и заштитната обвивка, сѐ во еден процес. Предноста се состои во тоа што изработката на ќелијата и подлогата заедно ќе овозможи заштита од подоцнежна контаминација со прашина и други загадувачи. И за подлогата и за заштитната обвивка е употребен флексибилниот полимер наречен парилен, додека за примарниот апсорбирачки слој на светлина употребен е органскиот материјал наречен дибутил фталат.

За разлика од конвенционалниот начин за изработка на соларните ќелии, целиот процес на изработка тука бил изведен во вакуум комора и на собна температура, без употреба на растворувачи или јаки хемикалии. За да се изработат подлогата и обвивката заедно користена е посебна техника, каде под дејство на топлина, притисок и хемиска реакција се добива особено тенок слој од одредениот материјал. Истражувачите велат дека главниот успех всушност претставува самата техника, а не употребениот материјал.

Ултра тенките флексибилни ќелии се со дебелина од еден педесетти дел од влакно или еден илјадити дел од постоечките ќелии на база на стакло (кои се со дебелина од 2 микрометри), но ја конвертираат сончевата енергија во електрична со подеднаква ефикасност.

Според креаторите на новиот процес, за кој биле потребни години за да се усоврши, оваа техника би можела да се употреби за поставување на соларните ќелии на површината на ткаенините, на хартија или речиси на кој било друг материјал. Во вселената или на големи височини кога тежината е важна, овие ќелии можат да бидат од огромна корист, иако за нивна масовна продукција ќе бидат потребни уште неколку години работа.

Наодите од истражувањето се објавени во „Organic Electronics“.

Поддржете ја нашата работа: