Голем дел од она што научниците го знаат за египетската практика на зачувување на телата преку мумификација потекнува од извори како грчкиот историчар Херодот, слики на гробовите или пак самите алатки кои балсамерите ги користеле.
Научниците, исто така, донесуваат заклучоци проучувајќи ги засеците и анатомијата на мумиите. Но, направени се многу малку напори за сето тоа експериментално да се потврди и овие докази се’ уште не можат да одговорат на некои клучни прашања за процесот на мумификација, како на пример: Може ли нож од опсидијан да направи прецизен рез во месото?; Колку долго трае мумификацијата?; Дали методите кои се спомнуваат во историските записи се навистина изводливи? Овие прашања се предмет на истражување на два експерименти објавени во „The Anatomical Record“.
Во првиот, истражувачот Боб Бриер и неговите колеги се навратиле на експеримент од 1994 година, во кој тимот на научници мумифицирал 70-годишен маж кој го донирал свеото тело за научни цели. Истражувачите се придржувале до процесот на мумификација од периодот на Новото Египетско Кралство (1550-1064 п.н.е.) кој се сметал за најусовршен. Тие користеле натриев карбонат – природна мешавина на пепел и сода бикарбона, за да го исушат и зачуваат телото, и ги изработиле истите алатки од истите материјали кои ги користеле античките Еѓипќани.
Во вториот, научници од Грција и Швајцарија тестирале две нозе од труп, за да споредат два стила на мумификација – природната мумификација со топлина и „вештачката“ со натриев карбонат (како онаа на Боб Бриер). Природната мумификација не била успешна и по 7 дена научниците го прекинале експериментот, додека вториот експеримент, односно втората нога по 208 дена била речиси целосно мумифицирана.
Зошто мумии и зошто токму сега?
Со овие два експеримента – мумифицирањето на цел труп и мумифицирањето само на две нозе, истражувачите стекнале нови увиди во процесот на мумификација. На пример, Бриер утврдил дека е неверојатно тешко да се извади мозокот низ ноздрите и дека античките Египќани најверојатно ги користеле алатките за да го здробат и на тој начин полесно да го извадат. Грчките и Швајцарските научници пак, ја потврдиле препораката на античките Египќани за чување на телото 30-40 дена во натриев карбонат, со цел да се спречи појавата на бактерии и габи по телото (во случајов само нозете). Иако биле потребни 208 дена за ногата да се мумифицира, тие истакнуваат дека поради топлите и суви временски услови во Египет тој процес се одвивал побрзо.
Што е најважно, овие современи мумии служат како стандарден пример со кој ќе се споредуваат сите антички мумии и секој детаљ при процесот на мумификација. Најдобрите лекции во животот се учат од директно искуство, па истото важи и во овој случај – конкретно за разбирањето на фасцинантната наука за мумиите.