Дека хуморот има биолошка основа, говорат и фактите од невролошките истражувања каде што се покажало дека постојат специјализирани мозочни центри кои се активираат за време на смеењето и создавањето на хуморот (Martin, 2007). Истражувањата спроведени од страна на приматолозите и еволуциските психолози говорат дека хуморот е продукт на природната селекција, кој свое потекло има во социјалната физичка игра кај приматите, а со развојот на интелектуалните и лингвистичките способности кај луѓето физичката игра преминала во ментална игра со зборови и идеи, која сега ја нарекуваме хумор и која што има многу важна социо-емоционална функција која што придонела за одржување и развој на нашиот вид (Martin, 2007).
Хуморот е сфатен како адаптивна емоционално насочена стратегија за справување со стресните настани (како одбрамбен механизам) е најблиску до нашето дефинирање на позитивната компонента на хуморот за која што сметаме дека е онаа компонента од вкупниот хумор, најрелевантна за човековиот психолошки имун систем.
Афилијативен хумор – Тенденција да се кажуваат шеги и спонтани духовити забелешки со цел да се забавуваат другите луѓе, да се подобрат врските и да се намали интерперсоналната напнатост. Овој вид на хумор е не -агресивен и има за цел да ја зајакне цврстината и кохезијата на врските и групите (Martin, 2007).
Себе-унапредувачки хумор – Тенденција да се има хумористичен поглед кон животот кога единката не е во присуство на други, зачуденост и импресионираност од неконгруентностите на животот и користење на хуморот за справување со стресните ситуации (најблиску до користењето на хуморот како одбранбен механизам) (Martin, 2007).
Агресивен хумор – Тенденција на личноста да го користи хуморот со цел подобрување на сопственото доживување, без притоа да се води сметка за добросостојбата на другите. Индивидуата ги исмејува, прави невкусни шеги на туѓа сметка и ги понижува другите, со цел таа/тој да се чувствува подобро или пак со цел да ги контролира другите (Martin, 2007).
Себе-уназадувачки хумор – Тенденција на личноста да го користи хуморот во вид на правење или кажување шеги на своја сметка, со примарна цел да добие внимание и одобрување од другите на сметка на сопственото себе-почитување или пак смеење заедно со другите кога личноста е предемет на туѓ подсмев. Овде исто така спаѓа користење на хуморот во вид на одбрамбено негирање на проблемите и избегнување на нивно конструктивно решавање (Martin, 2007).