Талог од кафе како материјал за поплочување патишта

Кафето е секако едно од најомилените пијалоци насекаде во светот. Но, откако ќе се искористи, од кафето остануваат големи количини талог, кој подоцна завршува или на депониите или се испира во одводите и завршува во океаните.

Сега, инженери од Австралија дошле до уникатна идеја како да го употребат талогот од кафе. Се проценува дека град како Сиднеј продуцира ваков отпад околу 3.000 тони годишно.

Инженерите од Универзитетот за технологија Свинбурн дошле до уникатна идеја како да го употребат овој талог од кафе. Тие го претвориле талогот во градежен материја за патишта.

Талогот од кафе што го собрале од кафулињата во околината на кампусот Хоторн, во источен Мелбурн, прво го сушеле пет дена на температура од 50°C, а потоа го просеале низ филтри за да се ослободат од грутчињата. Исушениот талог потоа го помешале со згура (отпадниот материјал што се добива при производството на челик)

Мешавината составена од 70% кафе и 30% згура ја поврзале заедно со течен алкален раствор и ја компримирале во цилиндрични блокови, кои на тестирањата што ги направиле истражувачите се покажале доволно цврсти за да можат да служат како подлога што се поставува под површината на патиштата.

Ако овој пристап се прифати насекаде во светот, ова може да ја промени целата индустрија, затоа што милиони тони талог од кафе би можеле корисно да се употребат за патиштата, наместо да бидат исфрлени на депониите.

„Ова би значело и голем придонес во намалување на емисиите на јаглероден диоксид. Всушност ако се согласат конструкторите на патишта, ние им обезбедивме рецепт како да го употребат талогот од кафе за патиштата“- вели  Арул Арулрајах, водач на геотехничката  група во Центарот за одржлива инфраструктура при Универзитетот Свинбурн.

Наодите се објавени во „Construction and Building Materials“.

Поддржете ја нашата работа: