Конструкцијата на нивните живеалишта има суштинско значење за здравјето и стабилноста на широк спектар на екосистеми – во пустинските, тропските и субтропските дождовни шуми, во топлите и умерените предели и сл.
Истражувачите од Универзитетот Принстон, неодамна, во списанието „Science“ објавија дека термитниците можат да послужат како оази во пустините, овозможувајќи им на растенијата кои ги опкружуваат и покрај малубројните врнежи да се опорават после сушните периоди. Поради тоа, термитниците можат да имаат потенцијал да бидат бедем против климатските промени и да спречат исцрпените сушни подрачја да се претворат во безживотни пустини.
И покрај тоа што луѓето ги гледаат термитите само како штетници кои можат да им наштетат и во домот и надвор, само мал дел од околу 3 000-те видови термити, колку што постојат, се всушност штетни за луѓето. Мнозинството од останатите живеат во почвата и неуморно работат.
Со тоа што прават дупки или макроотвори, термитите овозможуваат водата да се впие длабоко во почвата наместо да испари. Термитите многу вешто ги поврзуваат неорганските честички од песокот, камењата и глината со органските делови од отпаднатите лисја, егзоскелетите и слично, мешавина што и овозможува на почвата да ги задржи хранливите материи и да и се спротивстави на ерозијата.
Лепливоста на изметот и останатите екскрети од термитите придонесуваат почвата да ја задржи својата структура и кохерентност, што исто така ја спречува ерозијата. Бактериите во внатрешноста на термитите можат да го задржат азотот од воздухот и да го претворат во корисно ѓубриво и на тој начин да помогнат во зачувувањето на „здравјето“ на почвата.
Новото истражување направено од Државниот Универзитетот во Луизијана за однесувањето на термитите во ситуации кога им се заканува опасност, покажало дека термитите воопшто не се однесуваат панично во опасни ситуации. Тие не трчаат панично, газејќи преку паднатите, како што тоа обично го прават луѓето кога на пример некој ќе извика „пожар“ во полна театарска сала, или мравките кога им е загрозено гнездото.
Наместо тоа, кога истражувачите поставиле 110 термити во пластичен сад и го протресле, утврдиле дека термитите почнале да трчаат на исклучително организиран начин, базиран на правила, во зависност од тоа дали тие биле обични работници или војници кои се посветени на одбрана на гнездото. Работниците формираат колони, а тие што се напред одлучуваат дали ќе се движат лево или десно, а останатите ги следат со иста брзина и на иста оддалеченост. Војниците пак се поставуваат странично од колоните упорно обидувајќи се да најдат излез. Ако некој термит се „сопне“ или заостане, оние што се позади него ќе застанат и ќе го почекаат да се исправи. Газењето еден преку друг не е дозволено.
Овој „бонтон“ ги разликува термитите од нивните попознати колеги меѓу инсектите, мравките. „Мравките можат да бидат многу себични. Мравките се туркаат и се заглавуваат кон излезот, додека такво нешто не се забележува кај термитите. Ова можеби е затоа што термитите имаат поголемо искуство бидејќи тие се првите животни што почнале да создаваат здруженија уште пред околу 200 милиони години, 50 милиони години пред мравките и нивните „братучеди“ ципокрилци –пчелите“ – велат истражувачите.
Кај сите еусоцијални инсекти постои иста организираност: строга поделба на трудот и привилегија за одржување на колонијата доделена на една голема и долговечна кралица која постојано несе јајца. Сепак, додека огромното мнозинство од единките во гнездата на мравките или во кошниците на пчелите се стерилни женки кои се блиски роднини, колониите на термитите ги сочинуваат скоро 50-50 машки и женски единки, браќа и сестри.
Зошто термитите се организирале еусоцијално оневозможувајќи им на тој начин на повеќето негови членови индивидуално да се размножуваат, се’ уште останува активна тема за истражување. Ако термитите во одредена колонија се браќа или сестри или блиски братучеди, тие подобро би го пренеле своето генетско наследство преку јајцата на својата матица отколку да се мачат самите да се парат. Но тука термитите се екстремно успешни. Во вкупната маса на инсекти во светот, термитите ги надминуваат лебарките, а во тропските предели, бројот на термитите го надминува бројот на мравките стократно.
Со помош на бактериите и протозоите што ги имаат во стомакот, термитите можат да јадат се што другите не можат или не сакаат да го јадат: дрво, измет, лишаи и друга нечистотија.
Во големите термитници во Африка термитите исто така развиле надворешна симбиотичка врска и со габи кои ги одгледуваат во тунелите во внатрешноста на пространите „палати“ изградени од песок, глина и нивните екскрети. Термитите јадат мал дел од спорите на габите и ги користат нивните ензими за да ја разградат храната што содржи повеќе влакна. За возврат, термитите на своите партнери – габички им нудат многу вода, храна и чиста безбедна и добро проветрена средина без други „конкурентски“ габи.
Термитниците на своите градители им нудат и заштита од сонцето за да не бидат исушени, од сезонските дождови кои можат да ги потопат како и од разните грабливци кои со задоволство би ги изеле.
Најголемите терминици во Африка достигнуваат височина и до 9 метри и широчина и до 25 метри и се дом на десетици милиони термити, а можат исто така да бидат засолниште и за растенија, габи и за тревопасните животни.
Во Националниот парк Горонгоса во Мозамбик, антилопите често се собираат околу термитниците и тоа не само за пасење. „Тие се поладни за време на топлите денови, а потопли ноќе. Термитниците се пријатни места за престој “ – велат истражувачите од Принстон.