Уред што ја претвора пластиката во храна

Истражувачите направија уред кој отпадната пластика ја претвора во безбедна храна, благодрение на еден вид на габа, што може да ги свари пластичните компоненти без да ги акумулира токсините.

Оваа технологија наречена Фунги мутариум (Fungi Mutarium) се развива веќе две години, а една од изумителите на овој уред е австриската дизајнерка Катарина Унгер. Таа сега работи со микробиолози за да утврдат колку различни видови на печурки може да се користат и како да се зголеми ефикасноста на процесот на разложување.

Еве како изгледа прототипот

Иако идејата изгледа малку чудно, кога се работи за пластичниот отпад, секаква помош е добредојдена. Според неодамнешните проценки во следните 35 години бројот на пластичен отпад ќе го надмине бројот на риби во океаните, а до 2050 ќе произведуваме три пати повеќе пластика отколку во 2014 годна.

Идејата потекнала од една студија од 2012 г. од  истражувачите од Универзитетот Јеил, кои откриле редок вид на печурка во Амазонија наречена „Pestalotiopsis microspora“, која има способност да го разградува полиуретанот – главната состојка на пластиката. Оваа габа може целосно да живее од полиуретан дури во услови без кислород, слични на оние што се наоѓаат на дното на депониите.

Но, се чини дека габите што се хранат со пластика се прилично чести. Унгер заедно со Џулија Кајсингер и научниците од Универзитетот Утрехт во Холандија откриле две кои би биле идеални за нивниот уред. Едната е „Pleurotus ostreatus“ или буковка, а другата е „Schizophyllum commune“, која во САД и Велика Британија е на листата на печурки што не се јадат, но е популарна во делови од Мексико и  Индија.

Уредот се состои од низа мали чаши направени од агар (желатинозна супстанција  добиена од морски алги), скроб и шеќер и тенки парченца од пластика претходно стерилизирани со УВ-светлина. Мицелиумите од печурките се ставаат во чашите и при растењето тие се хранат со пластиката и хранливите материи од ѕидовите на чашата.

Додека во текот на растењето печурките ја обработуваат пластиката, тие не ги акумулираат токсичните компоненти од пластиката во своите клетки што значи, теоретски, тие се безбедни за јадење.

Истражувањата во врска со прототипот допрва треба да бидат објавени и рецензирани и ќе бидат потребни уште многу тестирања пред да можеме да имаме една ваква мала атрактивна фарма во нашите домови, но истражувачите работат на тоа.

Поддржете ја нашата работа: