Вегетаријанската исхрана може да предизвика долгорочни генетски промени

Научниците открија докази за генетска варијација кај популациите со исхрана заснована на растенија. Оваа варијација, или алела, се чини дека се развивала во текот на стотици генерации, овозможувајќи им на вегетаријанците поефикасно да ги процесираат масните киселини омега-3 и омега-6 и да ги претворат во соединенија кои помагаат во развојот на мозокот.

Истражувањето се заснова на 234 Индијанци вегетаријанци и 311 жители на САД. Вегетаријанската алела била пронајдена кај 68% од Индијанците и само 18% од Американците.

Истражувачите исто така користеле податоци од Проектот 1000 Геноми (1000 Genome Project) кој опфаќа неколку илјади лица, и откриле дека истата алела е присутна кај 70% од жителите на јужна Азија, 29% од жителите на источна Азија, 53% од Африканците  и 17% од Европејците.

Во сите случаи, генетската варијација била почеста во областите каде што традиционална била вегетаријанската исхрана.

allele-diet-chartТимот на истражувачи од Универзитетот Корнел открил уште една варијација – Инуитите од Гренланд, чија исхрана главно се заснова на морска храна, ги немале истите градбени единици на ДНК како сличните заедници кои биле главно вегетаријанци. Имено, вегетаријанската алела имала додатни 22 бази (градбени единици на ДНК) во рамките на генот, што укажува на тоа дека со текот на времето, нашето тело може да се адаптира на храната којашто ја јадеме.

Научниците сметаат дека е возможно во текот на историјата на човековата еволуција, кога луѓето мигрирале во различни средини, понекогаш да јаделе растителна храна, понекогаш морска, па во различни временски периоди се адаптирале различни алели.

Но, покрај придобивките од поефикасното процесирање на масните киселини омега-3 и омега-6, постојат и несакани ефекти, а тоа е зголемен ризик за создавање на воспалителни киселини кои се поврзуваат со срцеви забоолувања и рак на дебелото црево, особено во комбинација со растителни масла. Затоа, научниците препорачуваат вегетаријанците да користат растителни масла кои имаат малку омега-6 линолова киселина, како што е на пример маслиновото масло.

Истражувањето е објавено во „Molecular Biology and Evolution“.

Поддржете ја нашата работа: