Ако алкохолот е дел од вашата неделна рутина, можеби е време да почнете да вежбате бидејќи според едно ново истражување од Велика Британија, редовното вежбање може да помогне во балансирањето на штетните ефекти од алкохолот.
Истражувачите ги анализирале навиките на пиење и вежбање на 36.000 мажи и жени од Англија и Шкотска и откриле дека луѓето кои конзумирале алкохол, но и редовно вежбале, имале многу помала веројатност да умрат од која било причина (а особено од рак) во текот на истражувањето, во споредба со оние кои конзумирале алкохол, но не вежбале.
Познато е дека алкохолот го зголемува ризикот за рак, но резултатите од истражувањето покажуваат дека редовната физичка активност речиси го нулира овој ризик.
Иако не е сосема јасно како вежбањето ги отстранува ефектите од алкохолот кога станува збор за ракот, постојат неколку механизми кои може да ја објаснат оваа поврзаност, велат истражувачите.
Така на пример познато е дека конзумирањето на алкохол ја намалува функцијата на имунолошкиот систем, а ги зголемува воспаленијата, што е поврзано со појавата на рак. Вежбањето, од друга страна, ги има спротивните ефекти – ја зголемува функцијата на имунолошкиот систем, а ги намалува воспаленијата.
Тоа значи дека механизмите преку кои алкохолот може да предизвика рак се исти со механизмите преку кои вежбањето може да го спречи или со други зборови, тие може меѓусебно да се поништат.
Истражувањето покажало дека вежбањето нема ефект и не го намалува ризикот кај тешките алкохоличари, како и ризикот за смрт од срцев удер.
Истражувањето е објавено во „British Journal of Sports Medicine“.