Вирусот Зика поврзан со мозочно нарушување кај возрасните

Бразилските научици откриле дека инфекциите со Зика вирусот се поврзани со едно автоимуно пореметување кај возрасните, познато како акутен дисиминиран енцефаломиелитис (АДЕМ), кое го напаѓа мозокот и ‘рбетниот мозок.

Зика веќе се поврзува со синдромот Гијен-Бар кој ги напаѓа ‘рбетниот мозок и периферните нерви, предизвикувајќи привремена парализа кај пациентите и во некои случаи доведува пациентите да имаат потреба од респиратор за да можат да дишат.

Новото откритиe покажува дека Зика може исто така да предизвика и имун напад врз централниот нервен систем.

Овие наоди ја надополнуваат сѐ поголемата листа на невролошки оштетувања кои се поврзуваат со Зика.

Според Светскта здравствена организација (СЗО), сѐ повеќе научници се согласуваат дека покрај Гијен-Бар, Зика може да предизвика микроцефалија, иако за конечен доказ можеби ќе треба да се чека со месеци или години.

Покрај автоимуните заболувања, некои истражуваачи известуваат дека некои пациенти со Зика развиваат енцефалитис и миелитис – нервни растројства кои обично се предизвикани од директна инфекција на нервните клетки.

„Иако нашата студија е мала, таа може да обезбеди докази дека во овој случај, вирусот има различен ефект врз мозокот од оние што се наведени во тековните истражувања“ – вели во својот извештај д-р.Марија Лусија Брито, невролог во „Restoration Hospital“ во Ресифе, Бразил.

АДЕМ обично се јавува како последица на инфекција, предизвикувајќи интензивен оток на мозокот кој го оштетува миелинот – белата заштитна обвивка на нервните влакна. Тоа резултира со омалаксаност, вкочанетост и губиток на рамнотежата и видот, симптоми слични на мултипла склероза.

Своите наоди Брито ги презентирала минатата недела на состанокот на Американската академија на невролози во Ванкувер. Во студијата биле вклучени 151 пациент кои ја посетиле нејзината болница помеѓу декември 2014 и јуни 2015 година. Сите биле инфицирани од арбовируси – група на вируси во кои спаѓаат Зика, денга и чикунгинија.

Шест од овие пациенти развиле симптоми типични за автоимуни заболувања. Од тие шест, четири лица имале Гијен-Бар, а две АДЕМ. Во двата случаи со АДЕМ, скеновите од мозокот покажале оштетување на белата материја. Симптомите на АДЕМ обично траат околу шест месеци.

Сите шест пациенти биле позитивни на Зика и кај сите имало продолжени ефекти откако биле пуштени од болница и тоа пет пациенти развиле моторна дисфункција, еден проблеми со видот и еден когнитивни пореметувања.

Според СЗО, откако е актуелна состојбата со Зика вирусот, најмалку 13 земји пријавиле случаи со Гијен-Бар поврзани со Зика и СЗО смета дека најверојатно причинител е вирусот Зика.

Доктор Џејмс Сајвер, невро-епидемиолог од Центарот за контрола и превенција на болестите на САД вели дека случаите со АДЕМ поврзани со Зика не се јавуваат во иста стапка на пораст како другите случаи на Гијен-Бар, но истакнува дека докторите треба да обрнат внимание на АДЕМ и на другите заболувања на централниот нервен систем.

„Сѐ уште останува прашањето „Зошто“?- вели Сајвер. Зошто Зика вирусот е толку силно поврзан со Гијен-Баре синдромот (ГБС) и потенцијано со други имуни/воспалителни заболувања на нарвниот систем?

Сајвер, кој го проучувал ГБС во Бразил и е вклучен во едно големо истражување на овој синдром во Порторико, вели дека се надева дека понатамошните истражувања ќе дадат одговори на ваквите прашања.

Преземено од „Medical Daily“.

Поддржете ја нашата работа: